Младите како темпирана бомба

NASILSTVO MEGU MLADI by DiversityMedia

Насилството меѓу младите е се почеста појава. Ова го констатира и УНИЦЕФ. Во Македонија, насилството помеѓу младите во неколку наврати зема и меѓуетнички контекст. Зошто има појава на насилство?

Преку песна пораки против насилство испраќаат Адријан Гаџа и на членовите на музичката група Некст Тајм, кои се дел од кампањата на УНИЦЕФ - "За училишта без насилство". Во материјалите на оваа кампања може да се прочита дека  “насилството, како физичко, така и психичко помеѓу и врз младите се забележува секојдневно во училиштата„. Феномен кој е воочен и од институцииите, кои исто така се дел од кампањата, вклучително и Министерството за образование и наука.

Еден од градовите каде насилството помеѓу младите беше во центарот на вниманието е Струга.

Ова се неколку гимназијалци, кои во рамки на еден проект на Агенцијата за локален развој, учествуваат во престава каде истовремено се зборува и на албански и на македонски јазик. Преставата има за цел, како што велат организаторите, да придонесе да се надминат тензиите помеѓу младите по етничка основа. Главната тема на претставата е љубовта помеѓу момче и девојка кои се од различни етнички заедници. Ги прашавме младите актери колку веруваат во пораките што ги пренесоа, но во вистинскиот живот.

“Не верувам да сум искрен. Јас не би направил такво нешто. Не знам зошто, не можам да дадам одговор зошто?!„

“Во ова општество онака како што е денес, најверојатно не. А, се надеваме на подобри денови и на тоа дека еден ден може да стане и реалност, ако нашите умови созреат„

“Можеби не љубовта, но, дружењето може да се оствари помеѓу Албанците и Македонците„

Велат некои од актерите на преставата со работен наслов “И нештото започна од ништо„.

Нивните одговори се целосно спротивни на пораките од претставата. Но, нивната искреност е за почит, бидејќи за проблемите треба да се зборува врз основа на реални факти.

Менталитет или нешто друго?

Џабир Дерала, од невладината ЦИВИЛ, организација која често работи на унапредување на меѓуетничките односи, вели дека не е доволна само работата на граѓанскиот сектор.

-Проблемот во секторот на меѓуетничките односи, ако може така да се формулира, е секако зависен од многу фактори и повисоки инстанци. Пред се, иннтитуциите на системот, како на локално, така и на централно ниво. Политичките парти се тие кои манипулираат со национализмот, вели Дерала.

Во Струга досега имало повеќе активности на различни организации за доближување на заедниците. Преставниците на локалната власт, како и на политичлите партии велат дека работат и се залагаат да ги надминат тензиите.

Но, зошто воопшто доаѓа до тензии, ги прашавме актерите – гимназиjалци. Еве што мислат тие:

“Причините се многубројни, но има и политичко поттикнување„

“Доволно да се развиори македонското знаме и Албанците трчаат или албанското знаме и Македонците трчаат. Тоа се бесмислени работи, ама таков ни е менталитетот „

“Јас мислам дека причини за тензии се родителите и политичките партии, кои најмногу делуваат на младите генерации„

Не секогаш со етничка етикета

Но, олеснувачот на актерската група Кристина Тодоровска Петреска вели дека насилствата не секогаш имаат етничка позадина.

-Зошто ги има кавгите? Една од теориите е дека младите не знаат што да прават со себе си, па се караат. Или не сакаат да одат на училиште и "режираат" отсуства, смета Тодоровска Петреска.

Познавачите на состојбите и тие од граѓанскиот сектор инсистираат на важноста за постојана грижа за меѓуетничките односи, посебно помеѓу младите. Тие жестоко ја осудуваат политизацијата на насилството кај младата популација.

-Во континуитет треба да се има грижа. Нема ништо да се постигне ако се направи само една работа и потоа работите да со оставаат сами на себе, вели Ирина Мартиноска од Агенцијата за локален развој од Струга.

Насилството кај младите не секогаш има етнички контекст и податоците зборуваат дека се почесто се појавува насилство во училиштата, без разлика зошто е поттикнато. Токму избегнување на насилството во училишта има за цел и кампањата на УНИЦЕФ, во рамки на која се пее и оваа песна од Адријан Гаџа и на групата Некст Тајм. 

AddThis Social Bookmark Button