Амбасадори на политички мускули

Ambasadori na politicki muskuli by DiversityMedia

Политичките решенија за амбасадори редат скандали. Професионалните дипломати седат во Скопје.

 

 

На Македонија и треба само професионална дипломатија и редовни контроли за да се спречат скандалите кои најчесто се врзуваат за амбасадори кои на функцијата се со политички налог. Ова е единствениот заклучок ако се анализираат случувањата кои зачестија последните години. Од Министерството за надворешни работи велат дека сега има рекорден број професионалци-амбасадори споредено со порано.

Според некои информации, речиси една четвртина од професионалците во македонското МНР извршуваат несоодветни задачи или се на пониски работни места за нивните квалификации. Наспроти ова, политички номинирани амбасадори ја забавуваат јавноста со скандали, а не со постигнувања.

Меѓу деградираните е и долгогодишниот дипломат од кариера Шпреса Јусуфи. По последната функција в.д. амбасадор во Хаг, сега е еден ранг подолу.

-Имаме појави на непринципиелна политика во однос на унапредувања, во однос на испраќања на соодветни кадри во дипломатско-конзуларните претставништва. Имаме укажувања за маргинализирање на одредени вработени во Министерството, посочува Јусуфи.

Таа е претседател на Синдикатот на вработените во МНР. За проблемите токму деновиве за првпат разговарала со шефот на дипломатијата Никола Попоски кој на оваа функција е од први август годинава. Добила ист одговор како и од поранешниот министер за надворешни Антонио Милошоски, а тоа е дека ќе се обрне внимание на укажувањата.   

-Во првичните средби со претходното раководство добивме такви ветувања, меѓутоа тие не се остварија. Напротив. Дури и еродираа во подоцнежните фази, коментира Јусуфи.

Официјалниот став на МНР е дека искусните дипломати имаат одговорни функции. За Диверзити Медиа портпаролот Борче Стамов вели:

-Точно е дека имаме неколку амбасадори кои што своите активности ги вршат во Скопје, односно во Министерството за надворешни работи но, сите тие имаат сериозни работни задачи. На пример, Игор Џундев е сериозно ангажиран во спорот со Хаг. Јон Ивановски е ангажиран на една друга тематика која ја работиме со Грција. И останатите имаат сериозни ангажмани и го даваат својот придонес во МНР.

Луѓе на место, а не место за луѓе

Последните измени на Законот за надворешни работи се чини оставија широк простор во дипломатијата да влезат политички кадри зашто само четвртина од амбасадорите треба да се дипломати од кариера.  

- Оваа бројка е над 50 проценти од вкупниот број амбасадорски места во македонската дипломатија. Во поновата историја на македонската дипломатија не може да се пофалиме дека толкав број места држеле професионални амбасадори, оценува Стамов.

Дека овој процент и не е за пофалба зборува примерот на Норвешка каде само три проценти се политички номинирани амбасадори. Или пак, Словачка, членка на Европската Унија која според големината и бројот на дипломатски претставништва во странство е слична на Македонија. Таму сега има 10 проценти вакви случаи. Словачкиот амбасадор во Македонија Роберт Кирнаг укажува каде треба да се внимава.

-Политички предлози за амбасадори може да бидат поранешни министри, банкари, луѓе што успеале во трговијата, во научната работа. И секогаш треба да бараме луѓе на место, а не место за луѓе. Не се собираат амбасадори од улица, вели Кирнаг.

Во годините од независна Македонија, во дипломатијата имало амбасадори предлагани од партиите на власт.

Според универзитетскиот професор Назми Малиќи, блискоста до една или друга опција е најголем проблем со политичките номинации.

-Партизацијата и партиските интереси во меѓународните односи им штетат на државните интереси. Има разлика помеѓу внатрешна и надворешна политика и игрите одвнатре не смејат да се префрлат на надворешен терен, бидејќи се е различно, средбите, практиките, природата, како и стратегијата за дејствување преку што се стекнува имиџот на државата, смета Малиќи.

Тој објаснува дека со изборот на кадри се сигналите и за политиките и односите со одредени држави.

Минатата година 28-годишниот Веле Трпевски едвај помина за амбасадор во Тирана. Тамошната и овдешната јавност оценија дека Македонија провоцира зашто испраќа неискусен дипломат.

Алкохол, тепачки и амбасадори

А, праксата покажа дека скандалите најчесто се врзуваат со политички номинираните амбасадори.

Пред десетина години Алајдин Демири беше повлечен од Швајцарија зашто возел пијан. ВоХоландија, амбасадорката Добринка Тасковска учествуваше во тепачка. Во сличен скандал учествуваше и Филип Петровски во Њујорк. Некои амбасадорски решенија беа скандал уште пред амбасадорите да "запливаат" во дипломатијата.

По аферата "Сведмилк" тогашниот ресорен министер за земјоделство Ацо Спасеновски си даде оставка заради амбасадорко место во Киев. Антикорупциската комисија во исто време побара негово кривично гонење за друг случај со хидросистемот Злетовица. Тој се уште е амбасадор.

Перо Стојановски се повлече од местото министер за образование по два неуспешни проекти кои паднаа на Уставен суд. Потоа стана амбасадор во Австралија. Се најде на тамошните насловни страници заради љубовна афера.

Скандали во дипломатијата се случуваат и во земји со "дебела" дипломатска историја. Британски дипломат пред две години беше фатен во секс-скандал во Русија. Тајланд протестираше против американски дипломат вовлечен во скандал со педофилија во таа земја.

Успесите и застранувањата на дипломатите некои држави ги проверуваат преку редовни инспекции. Словачките амбасадори низ светот секоја година ги посетува контролор од нивното МНР во Братислава. Француските дипломати се на проверка на секои две години. Во Македонија еднаш годишно одредени амбасади се на проверка, вели портпаролот на МНР и објаснува дека секоја посета на министерот на држава каде Македонија има свое дипломатско претставништво значи контрола. Примерите посочени претходно укажуваат дека системот сепак треба да се смени.   

 


 

„ Од 44 амбасадорски места во моментов, 23-ца дипломати се професионалци, а 21 се од редот на политички номинираните.“



AddThis Social Bookmark Button