Сите патишта водат покрај Македонија

Сите патишта водат покрај Македонија by DiversityMedia

Европската унија во следните 15 години ќе создаде обединета транспортна мрежа, каде Македонија и земји како Србија, Косово и Албанија речиси и ги нема. Дали тоа значи дека земјите од Западен Балкан треба да се свртат кон себе? На оваа тема размислуваат развојните агенции од регионот.

Земјите од Западен Балкан се чини ги раскинаа врските, но по ова, ќе бидат принудени повторно да ги градат. Сега, најбрзата врска од Сараево за Скопје води преку Виена, вели Далибор Ѓериќ од развојната агенција од Добој, Босна и Херцеговина.

-Tреба да се вложи уште многу труд за да се обноват тие врски кои порано постоеја и на некој начин овие држави повторно да се поврзат. Треба да се најдат приоритетите на целиот регион, пред се, да се обнови сообраќајната инфраструктура која некогаш беше во подобра состојба отколку што е сега, смета Ѓериќ.  

Но, не секогаш политиката ги следи интересите на граѓаните и бизнисот. Кога на пример, еден Србин од Врање се подготвува за летување на Јадранот во Црна Гора, мора да одвои двојно повеќе пари за гориво.  За да стигне до Црна Гора, тој вообичаено користи заобиколни патишта, преку централна Србија или преку Охрид низ Албанија.

Најблискиот пат преку Косово за летувалецот од Јужна Србија е небезбеден, вели Горан Костиќ од развојната агенција од Врање. Неговиот колега од Призрен, Валентин Хоџа, пак, не гледа причина туристот Србин да го избегнува Косово. Но, сепак признава дека политиката ги разурна патиштата на соработка на народите во регионот.

-Не  верувам дека е проблем да се патува низ Косово. Јас сум сведок дека секојдневно минуваат автомобили од цела Европа, без исклучок и автомобили од Србија. Колку е поврзана инфраструктурата и колку се придава значење на вистинското прашање, а да не се вмеша политиката, тоа веќе е друго прашање, вели Хоџа.

Коридорот 10 да не остане само на асфалтот

Политиката и етничката поделба му кумувала и на Коридорот 10 кој преку Србија минува низ Македонија до Грција. Костиќ кажува колку многу време државата потрошила додека да ја добие сопственоста на земјиштето, при што на српските сопственици им платила по осум евра за квадратен метар, а на Албанците - 12 евра за квадрат.  

-Токму поради таа чувствителност, народите не гледаат исто на користта од тој пат. Затоа, ако не сакаме Коридорот 10 да остане само на асфалтен пат, треба да се работи и на целата инфраструктура, а потребно е да се решат и некои законски прашања. Ние сега пилотиравме со Коридорот 10 и ад хок ја решававме цената на земјиштето, посочува тој.  

Во проширувањето, Европската унија се соочува со сложените политички врски на Балканот. Во документот за перспективите на транспортот на Западен Балкан ,Унијата смета дека владите во земјите од Западен Балкан  може да ја докажат волјата за надминување на билатералните тензии и проблеми токму со развивањето инфраструктурни проекти.

Во обединетата транспортна мрежа ЕУ планира да вложи 50 милијарди евра. Автопатиштата, железницата, водените и енергетските коридори треба да се завршат до 2030-тата година. За проектите од заедничките европски  пари ќе може да конкурираат земјите членки и земјите кандидати, меѓу кои и Македонија.

Меѓутоа, земјата како и соседите кои не се членки на ЕУ, се присутни само во два од десетте коридори на Паневропската транспортна унија. Два од значајните коридори – автопатот од романски Видин до Игуменица во Грција ја следи речиси целата граница на Македонија со Бугарија, ама патот не влегува во земјата. И железницата на релација Атина – Дрезден, покрај границата со Македонија се движи кон Романија преку Бугарија.

Албанија како регионален пример

Невладиниот сектор, кој работи на регионалниот развој проценува дека поради ваквото минималното учество на земјите од Западен Балкан ќе страда и така кревката економија. Маријана Милевска од македонската агенција Преда плус смета дека транспортот е реална пречка и за нормална комуникација меѓу луѓето во регионот.

-Тоа навистина е пречка за развојот, поголемата соработка и за поголемото вмрежување на граѓаните, како и на луѓето што меѓусебно соработуваат во овие земји. Патната инфраструктура, но не само патиштата, туку и железницата за која треба да се заложат сите земји од регионот, бидејќи тоа може да му даде една поголема вредност на регионот, коментира Милевска.

Планерите на регионалниот развој велат дека не секогаш европските пари се гаранција за градењето на патната инфраструктура. Валентин Хоџа  ја посочува Албанија како регионален пример како се градат патишта. Според него, Косово е следна што ќе го продолжи тој тренд.

-Во Косово моментно се гради автопат што ќе ја поврзе границата на Албанија со границата на Србија. Тоа докажува дека Косово е понапред од некои земји од регионот. Логично е тој автопат да се поврзе и со Македонија. Владата на Косово вети дека на почетокот на 2013 година ќе почне со изградбата на автопатот Приштина – Скопје, најави Хоџа.

Регионалните процени се дека на новите европски коридори покрај границата на Западен Балкан треба да се одговори со модернизација на постоечката мрежа. Најпосле, овој регион ја има предноста на најкратка врска на Северозападот и Југот на Европа.  

AddThis Social Bookmark Button