Терени полни со омраза, а не со спорт

Терени полни со омраза, а не со спорт by DiversityMedia

Во Македонија за краток период се забележа експлозија на национализам и расистички извикувања на спортските терени. На некои фудбалски натпревари се одеше и во екстремизам. Но, зошто и покрај ова, немаше реакција од страна на институциите?

 

Обичното навивање во Македонија на неколкуте последни фудбалски натпревари се претвори во националистичко, па дури и расистичко. Во Македонија често имало вакви ситуации, но набљудувачите на таквите ситуации велат дека последните случувања се крајно загрижувачки.

-Вакви случувања во последните години на разни спортски манифестации имаат тренд на пораст. Единственото нешто што може да ги спречи се спортските федерации кои треба да преземат мерки со кои ќе овозможат спортот да биде на прво место, а не навивачите, коментира Махир Тачи, спортски новинар.

Молк

Но, додека овие феномени земаат замав, нема соодветна реакција од страна на институциите.

Медиумите на македонски јазик воопшто не известиле за таквите инциденти кога во нив учествувале навивачи Македонци, додека албанските медиуми иако известуваа за сите настани, кај нив поголем фокус имаа инцидентите во кои беа вклучени македонските навивачи.

Од друга страна, немаше ниту реакција од организациите кои што го регулираат спортот, ниту пак од самите спортисти.

Сепак, прашани од Диверзити медиа во Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) велат дека се свесни за провокациите кои можат да предизвикаат и поголеми општествени реакции и оти постојано преземаат мерки.

-Фудбалската федерација ќе направи анализа, но факт е дека треба да работиме внимателно. Исто така, факт е дека постои антагонизам меѓу навивачките групи. Свесни сме дека фудбалот може да се злоупотреби за политички цели или пак за други идеи”, вели Зоран Николовски, портпарол на ФФМ.

Во Македонија инцидентите со навивачите не се префрлуваат надвор од спортските терени. Регистриран е само еден таков случај пред неколку месеци во скопската населба Нерези и истиот веднаш беше осуден. Антагонизмот помеѓу навивачите главно има етничка основа и навредите и извиците се од таква природа.  

Но, како треба да се толкуваат таквите однесувања?

Аларм

Еве што вели Илија Ацевски, професор по социологија во Државниот универзитет во Скопје:

-Тоа што се случува на трибините е знак дека нешто се случува во општеството, дека нешто не е во ред. Потоа зависи како тоа ќе се покрие од медиумите и каква важност ќе им се даде на овие случувања. Кога веќе се случуваат извикувања тогаш е тешко тие да се запрат, додека истите може да се спречат со претходно вложен труд. Навивачите треба да се повикуваат на разговор, да се подготват. Кога сте дел од една група се губи елементарната свест дека правите нешто лошо, нешто што не е пријатно и што остава траги во меѓуетничките односи, смета Ацевски.

Артим Шаќири беше фудбалер кој се ценеше и од албанската и од македонската публика.

Неговиот гол на натпреварот меѓу националните екипи на Македонија и на Англија се оценува како историски.

Сега, повлечен од активното спортување тој се потсетува дека се нашол во незавидни ситуации кога македонските навивачи извикувале несоодветни извикувања и предлага поголем напор за разбирање на чувствителноста која ја предизвикуваат навредите. Но предлага и казни за клубовите според меѓународните стандарди.

-Единствен начин за да се среди оваа ситуација е да се преземаат мерки како тие на натпреварот Италија – Србија. Кога се случи инцидент натпреварот веднаш се прекина и ФИФА и УЕФА ја презедоа одговорноста и ја казнија и српската федерација. Веќе е време за едно коректно навивање со кое се дава поддршка на екипата, а не со навреди кои воопшто не се во ред”.

Регионот изобилува со примери на инциденти предизвикани на стадиони за истите потоа да преминат во една националистичка еуфорија. Таков беше и натпреварот меѓу "Динамо" од Загреб и "Црвена Ѕвезда" од Белград во 1990 година, кој потоа иницираше и поголема ескалација на омразата меѓу Србите и Хрватите.

Скоро сите соговорници ги имаат предвид овие искуства и затоа повикуваат за поголем труд за спречување на таквите ситуации, иако за последните инциденти не е преземено ништо конкретно. 

AddThis Social Bookmark Button