Јавноста и седумте без ресор

Чуму некои министри без ресор? by DiversityMedia

Од дваесет и двајца министри во Владата, некои се целосно невидливи за јавноста. Наспроти нагласеното присуство на Зоран Ставрески, Владимир Пешевски, Спиро Ристевски, Никола Тодоров и Гордана Јанкуловска, за министрите без ресор, како на пример, Хади Незир речиси не се знае ништо. Или за Бил Павлески. За него има информации за само една активност откако е дојден во Владата.

Владимир Пешевски речиси секојдневно се појавува во јавноста, Теута Арифи и Муса Џафери се појавуваат, но, повремено. За Неждет Мустафа може да се најдат информации што сработел. Но, од Хади Незир, Веле Самак и Бил Павлески може да се видат само фотографии и биографии на веб-страницата на Владата. Заради ова или нешто друго, во јавноста се создава впечаток дека некои владини фотелји и не се потребни.

Неждет Мустафа, министер без ресор и национален координатор на Декадата за вклучување на Ромите тврди дека неговото место е потребно зашто, како што вели, е врзано за проекти за подобрување на условите на живот на ромската заедница во Македонија.

-Отворете ја мојата веб-страница и следете се што работам секој ден. Се е толку транспарентно. Со буџети, со акции, со свечени отворања на улици на места каде што педесет години немало влезено механизација. Значи, јас имам огромни активности, тврди Мустафа.

Во Куманово постои голема ромска заедница сконцентрирана во населбата Средорек. Рамис Османовски од граѓанското здружение „ Врама си“ вели дека Декадата на Ромите таму не ни почнала.

-Не само инфраструктура, нема никакви проекти кои биле поддржани или финансирани од министерот без ресор или од Владата на Република Македонија. Тоа незадоволство се рефлектира кај ромската популација која, на некој начин, ја изгуби довербата во државата, посочува Османовски.

Неопходни, а невидливи

Министерот без ресор Хади Незир е втор мандат по ред на истото место. Вели дека неговата скромност е причина што граѓаните малку знаат за него. Тврди дека неговото место е неопходно во Владата оти преку него оди комуникацијата со Турција. Тој вели дека е заслужен за турските инвестиции во Македонија како на пример, за најголемата - влезот на ТАВ во аеродромите во Скопје и во Охрид.

-Не значи дека јас еве сум министер без ресор па, еве ќе седам тука. За жал, она што велите народот знае дека наводно ништо не сум направил, но сите овие инвестиции се дојдени. Ако не покажев остварувања во претходната Влада, сигурно немаше да имам место и во оваа, категоричен е Незир.

Министри без ресор за привлекување странски инвестиции се и Бил Павлески и Веле Самак. И за нив ретко се наоѓа информација. Првиот беше на промотивна инвестициска турнеја со премеирот во Сингапур и во Јапонија. Во неговиот кабинет не се јавува никој. Сакавме да прашаме што сработел досега и кои му се активностите за во иднина.

Во едно од последните телевизиски интервјуа, Веле Самак пак објаснува зошто е во сенка.

„ Причината е што јас не сакам да се појавувам често во јавност ако навистина нема некоја поконкретна најава во однос на странските за инвестиции. “

Аналитичарот Алберт Муслиу оценува дека ова преклопување на функциите, неколку луѓе да работат иста работа е политички оправдано но, без економска логика. 

-За жал не се зема предвид трошокот кој паѓа на товар на граѓаните преку буџетот на државата. Битно за нив е исполнување на апетитите на помалите партнери. И ако без разлика колку ресорите се битни или, кога се креваат на ранг на министерства, министри без ресор и заменици-министри тие само повеќе го оптоваруваат, смета Муслиу.

Ништо необично

За Никола Наумоски, магистер по политички комуникации, слабото присуство во јавноста на луѓето задолжени за инвестиции не е ништо необично.

-Нормално е да имаат недостаток од наше внимание затоа што нивната јавност не е домашната туку странската и веројатно цело време се на пат и комуницираат со други јавности-инвеститори, банкари, капиталисти од странство и воопшто не би се загрижил ако не ги гледаме дома, смета Наумоски.

Од друга страна пак, додава Наумоски, во земјава е изразено, премиерот да ги користи заслугите на министрите само за да се појави пред камерите.

Колку е важно некој да е присутен во јавноста за да се создаде впечаток дека многу работи?

-Сме правеле анализи кои покажале дека тие две работи се најчесто поврзани, т.е. зачестеноста на појавување во јавност и рејтингот на министерот. Тоа вродува со плод, барем засега, затоа што политичката култура е ниска, како и медиумската критичност на граѓаните, вели Наумоски за Диверзити Медиа.

Во обид да го измериме присуството на министрите без ресор на Интернет дојдовме до интересни податоци. Веле Самак има лична веб-страничка која не е ажурирана од 2009 година. Бил Павлески има профил на Фејсбук на кој се регистрирале се’ на се’ 11 посетители. На пребарувачот Гугл за Хади Незир ќе најдете податоци само ако неговото име се внесе со кирилична поддршка.

Владите на Никола Груевски го држат рекордот според бројот на министри без ресор, вкупно седум. Во регионот зад Македонија е Србија со четири вакви позиции. 


 

"Во македонската демократска историја најмногу министри имаше Владата на Љубчо Георгиевски вкупно 27 члена, вклучително со премиерското место "



AddThis Social Bookmark Button