Богатството на МПЦ и на ИВЗ

Bogatstvoto na MPC i na IVZ by DiversityMedia

Ако го добијат целиот национализиран имот, најголемите верски заедници во земјава – Македонската православна црква (МПЦ) и Исламската верска заедница (ИВЗ) ќе станат едни од најбогатите институции во државата.

Но, дали луѓето од верата чија мисија е духовното, а не материјалното можат да менаџираат со парите?

Грција финансиски тоне, грчката црква прави пари

Најмоќната црква на Балканот – грчката, од неодамна влезе во бизнисот со соларните панели. Оваа моќна заедница е вистински конгломерат со 50 епархии. Само атинската епархија секојдневно подготвува 10.000 оброци за сиромашните, имигрантите и напуштените. Сончевите фарми се еден од вносните бизниси со кои позицијата на црквата е изедначена со таа на државата. И додека државата се дави во економската криза, Грчката православна црква се одржува на површина.

Во Македонија пак, двете најголеми верски заедници почнуваат срамежливо да го следат примерот на грчката црква. На Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Исламската верска заедница државата им врати дел од одземените имоти со национализацијата од средината на минатиот век.

Пари од паркинг, кирија од дуќани

МПЦ на пример, веќе неколку години стопанисува со паркинг во строгиот центар на Скопје, а ИВЗ собира ќирија од повеќе дуќани на Широк Сокак во Битола. Двете заедници очекуваат покомотен живот по денационализацијата. Сепак, за продажбата на 30.000 квадрати во скопското село Сопиште, МПЦ се најде на удар на јавноста.

ИВЗ пак, има тапии за земјиштето каде е изграден комплекстот факултети на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (кај Битпазар), Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Универзитетската библиотека, па дури и дел од сегашното МВР. 

Директорот на имотите или вакуфот во ИВЗ,  Дритон Дикена е незадоволен од односот на државата, која досега на Исламската заедница и вратила нешто над 10 отсто од одземениот имот.

-Ако Македонија мисли дека со повторна национализација на имотот ќе ја држи ИВЗ во заложништво, тоа ќе и се врати како бумеранг. Бидејќи ние нема да се откажеме од ниту еден квадратен метар вакуф , ќе го бараме и ќе ги користиме сите средства што ни стојат на располагање – демократски и законски средства, категоричен е Дикена.

ИВЗ досега добила околу милион евра во имот и обврзници, а има барања за десет пати повеќе. Во МПЦ пак, секоја епархија одделно го води процесот на денационализација. На Преспанско – пелагониската  епархија, која се смета за една од побогатите, државата и вратила околу 70 отсто од имотот што го бара. Епархијата добила над 400.000 евра  во обврзници за комплексот каде е сместена градската библиотека, кој според, митрополитот Петар реално вреди околу два и пол милиони евра. Зградите пак, што биле вратени, според владиката, се руинирани, а за нивна обнова требаат пари.

-Такви средства ние се уште не поседуваме и тие згради за жал, така стојат, неупотребени. Се додека не обезбедиме средства за да може полека да ги обновиме зградите и да ги издадеме под наем. Не знаеме како поинаку да менаџираме, освен да ги дадеме под закуп, смета тој.

Имаат ли верските заедници добри менаџери?

Владиката Петар го загатнува основниот проблем на верските заедници -  раководењето со имотите и верските пари. Исламската верска заедница, вратените пари и имоти, според  Дикена не смее да ги потроши за секојдневно работење.

-Тие обврзници се дадени за загубен имот и ние со тие обврзници се обидуваме да купиме нов имот. Единствениот буџет на ИВЗ е членството што го плаќаат муслиманските граѓани и со тие пари се обидуваме да „крпиме“ цела година. Земајќи предвид дека имаме близу 100.000 вработени во ИВЗ, муфтвивства, оџи, професори на Факултетот за исламски науки, професори во медресите, немаме ни денар помош од државата, објаснува Дикена.  

За разлика од ИВЗ, која има посебна служба што менаџира со парите и имотот, МПЦ тоа им го препуштила на епархиите. Сами да раководат со материјалните богатства. Во едно од своите интервјуа епископот Европски, Пимен заговара формирање на тим од правници и менаџери кои ќе се грижат за финансиите. Засега тоа е задача на отец Григориј, човек од доверба на поглаварот г.г. Стефан.

Владиката Петар кажува дека МПЦ од неодамна вовела нови правила на финансирање.

-Да се исплаќа на телата и органите, почнувајќи од Македонската архиепископија, Светиот архиерејски синод и другите вкупно 32 отсто од приходите на епархиите. Тоа е голема исцрпувачка потенцијална сила на црквите, кои со остатокот едвај успеваат, а некои и не успеваат да си ги платат обврските, вели тој.

Дали тоа значи дека вратените имоти и обврзниците би биле виза за покомотен живот на заедниците?

Сиромашен како црковно глувче – само изрека

За српскиот експерт за верски прашања Живица Туциќ би било скандалозно доколку парите ги употребат по народната „како дошле така и отишле“.

-Парите се потребни, Христос не ги презираше парите. Се знае во што верските заедници не смеат да вложуваат  - во коцкарници, во сомнителни бизниси. Вложувањето на парите не е тема за Светиот синод, туку за посебна служба, која ќе одлучи што со нив, а не да се потрошат. Не знам што би правеле владиците со тие пари – да ги вложат во резиденции, во скапи патувања?! Верските заедници не умеат најдобро да се снаоѓаат со парите, коментира Туциќ.

Во одделни случаи токму неумеењето со парите, според Туциќ, им го извалка името на одделни верски заедници и нивни служители. 

-Свештеникот нема добар углед. Секогаш се гледа колку ќе наплати за погребот, за крштевка, каков автомобил вози, како попадијата носи бунда и тогаш луѓето велат – тој зборува за небесниот свет, а  за себе се насобрал на земјата.  Има криза на веродостојноста на црквата, криза на имиџот, вели тој.

„Сиромашен како црковно глувче“. Една добро позната изрека, која може и да се промени по целосното враќање на имотите. Само уште умно да се искористат, во духот на верата.


 

Факти за денационализацијата

Македонија потрошила 293 милиони евра за денационализација. Министерството за финансии не одговори на нашето прашање колку со денационализацијата е вратено на ИВЗ и на МПЦ.

 Македонското Собрание изгласа законски измени со кои ќе се издадат две нови емисии на обврзници со кои се смета дека ќе се заврши процесот. Поднесени се 30.472 барања, а остануваат нерешени уште 272. Една десетина од поднесените предмети се спорни и се на суд.

Над 500 претставки се поднесени до Народниот правобранител. 



AddThis Social Bookmark Button