Што после Хаг?!

Sto posle Hag by DiversityMedia

Македонија, ако ништо друго, излезе морален победник во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во спорот против Грција за името.

Но, после “прославата„ што ќе се случи понатаму?

Во релативно студен декемвриски ден неколку деца играат во еден парк во Скопје. Според аналитичари, нивната иднина можеше да биде попреспективна ако земјата беше членка на НАТО бидејќи на тој начин ќе се покажеше поголема стабилност, а тоа ќе се одразеше социјално и економски.

 

Но, Македонија не е членка на НАТО, ни на ЕУ, а една од главните причини е спорот за името со Грција. Токму поради тоа Македонија покрена судска постапка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.

И додека судијата ја читаше пресудата која беше во полза на Македонија и радоста беше очигледна...И да. Македонија од овој спор излезе како победник, барем морален.

Крутост или компромис

Но, што ќе се прави понатаму? Дали сега официјалната политика на Владата во Македонија ќе биде уште покрута за името или одлуката на судот ќе биде поттик за компромис, бидејќи цел бел свет сега знае кој има право?

Исмет Рамадани од Евроатланскиот Сојуз е скептичен.

-Не верувам дека одлуката ќе донесе дух на компромис, бидејќи самиот премиер и оваа влада, посебно ВМРО-ДПМНЕ се отидени многу далеку со ставовите за компромис. Исто така, имајќи ги предвид и ставовите на Грција, не верувам дека компромисот е близу, вели Рамадани.

Веднаш после пресудата во Хаг, реагираа и НАТО и ЕУ. Двете организации истакнаа дека сепак ќе треба решение за името.

Марко Трошановски од Институтот за Демократија вели дека Македонија само потврди дека нејзините позиции биле праведни, но сепак, тоа не значи и членство во евроатланските структури.

-На правно ниво, Македонија повторно нема никакви механизми за евроатланско интегрирање во иднина. Меѓутоа на ниво на политичка симболика мислам дека излезе како победник. Од друга стана, недвосмислена беше изјавата на Генералниот секретар на НАТО Расмунсен, веднаш по пресудата на судот во Хаг, дека оваа пресуда можеби е нов импулс во преговорите но, дека во крајна инстанца заедничко прифатливо решение е услов за добивање на покана, коментира Трошановски.

Во секој случај ќе добиевме вето?

Лидија Димова од Центарот за Европска Едукација пак, повикува на претпазливост бидејќи, како што вели, духот на консензусот води кон ЕУ, а не судирите.

-Дека одлуката значи малку подобрување на позицијата на Македонија е факт, меѓутоа реално во политичка гледна точка тоа ништо не значи. Ако сакавме да покажаме дека Грција игра “валкано„ тогаш сме ја постигнале целта. Ама ако сакавме да ја спречиме Грција да не ни става вето за да почнеме преговори, тогаш не сме ја постигнале целта. Дури и ако судот и наложеше на Грција да не не ни стави вето, голема е веројатноста дека вето ќе добиевме од Кипар на пример или друга држава која е во добри односи со Грција, смета Димова.

Одлуката на Меѓунардниот суд на правдата се однесува на членот 11 од времената спогодба меѓу Македонија и Грција. Според судот, Македонија имаше право кога констатираше дека Грција “не ги почитувала обврските„ со што земјата во 2008 година не стана членка на НАТО.

Но, за да се промени иднината на овие деца сепак треба да се преземат храби чекори. Одлуката од Хаг и даде задоволство на Македонија но, не го менува нејзиниот статус, бидејќи сепак, за да се сигне до целта – евроатланската интеграција, патот сепак поминува низ Атина.

AddThis Social Bookmark Button