Осмели се да падне невработеноста!

Osmeli se da padne nevrabotenosta by DiversityMedia

Оној што сака да започне бизнис може да користи потрошувачки кредит. Откако останаа без успех обидите на државата да ја намали големата невработеност, од скоро Владата преку кампања ги повикува сите што имаат идеи да се охрабрат и да почнат сопствен бизнис. Оние што го направиле овој чекор велат дека им требаат обуки. Економски експерти пак, коментираат дека за да успее идејата неопходен е државен фонд кој би ги кредитирал бизнис идеите.

Спотот од кампањата на Владата изгледа убаво, а понудата за луѓето со идеја да почнат бизнис е примамлива. Но, дали целата операција изгледа толку едноставно како што е прикажано?

Оние креативци кои се во почетна фаза да основаат фирма оценуваат дека условите за стопанисување генерално се подобрени во последните години но, сепак има и пречки.    

Алескандар Милев освен што свири на индијанска флејта, во Македонија го донел и производството на овој инструмент.

-Сакав да внесам една македонска нишка на тој инструмент, да ставам елементи од филигран, да го украсам инструментот и сакав да го направам во штим на кавал. Да направам еден микс од македонскиот кавал којшто лесно се изработува, а тешко се свири и индијанската флејта, која тешко се изработува, а лесно се свири. Така почнав со учење на филигран и влегов во еден друг бизнис, раскажува Милев.

Сега изработува накит од филигран кој наскоро ќе може да се купи во специјален простор за ракотворби кој ќе биде отворен во Скопје. Има совет за сите коишто не можат да се одлучат да почнат сопствен бизнис:

-Прво треба да имаме идеја, да знаеме што сакаме, да имаме една стратегија како сето тоа да го изведеме. Наједноставно е да се помине една професионална обука каква што поминав јас - како мојата идеја да ја претворам во бизнис. Значи не е само креативното. Тоа е само хоби ако не знаете како да го преточите во бизнис.  

Македонски папучи во италијанскиот град на модата

Во Македонија има десетина организации кои што нудат помош и обука при почнување на водење бизнис. Меѓу нив и Македонската артисанска трговска асоцијација (МАТА) која што му помогнала токму на Милев. На овој начин, за осум години МАТА успеала да отвори 150 работни места.

Извршниот директор Зоран Тодоровски за Диверзити Медиа кажува пример како креативноста носи успех.

-Има една жена која изработува влечки од остатоци од текстил. Успеавме да ги извезуваме во Италија. Сега замислете каков е натпреварувачки италијанскиот пазар особено за мода, а ние успеавме да ги продаваме во Милано и тоа во два бутика, посочува Тодоровски.

Тој оценува дека во Македонија постои добра правна рамка за отворање мала компанија но, во пракса има недостатоци, како на пример давачката која се нарекува фирмарина. Ист износ плаќаат и големите и малите играчи на пазарот.

-Тоа веднаш ги обесхрабрува луѓето бидејќи велат, чекај чекај, како јас ќе го ставам тоа во вкупните пресметани трошоци, особено кога го почнувате бизнисот. Така што тука би требало нешто да се стори. Би требало мерките за оданочување да одговараат на обемот на бизнисот, вели Тодоровски.

Од друга страна премиерот Никола Груевски неодамна изјави дека постапно се олеснуваат условите за малите компании.

„ Владата донесе серија на мерки кои се од извонредно значење за компаниите.Целосно е укинат данокот на добивка за фирмите кои остваруваат приход до 3милиони денари на годишно ниво што е огромно олеснување за семејните фирми “.

Државата мора да инвестира

Кредитирањето е клучно за луѓето кои почнале свој бизнис да успеат во тоа, оценува универзитетскиот професор Марија Зарезанкова Потевска.

-Тука мора да застане државата и да предвиди одредени средства за формирање на некој фонд што ќе ги финансира точно оние најранливи групи коишто имаат идеја, а немаат можност да добијат финансии бидејќи банките сепак бараат гаранции, коментира професорката.  

Како пример ја наведува "Грамин" банката од Бангладеш која многумина извлече од сиромаштија со издавање микро кредити по многу поволни услови. Во 2006 година  сопственикот на банката доби Нобелова награда за економија.

Покрај државната Македонска банка за поддршка на развојот, единствената независна институција која финансиски го помага претприемништвото е Македонската Развојна Фондација. Од формирањето во 1998 година до денес, преку банки и штедилници исплатила над 33 милиони евра за повеќе од 8.000 претприемачи. Со тоа се поддржани 17 и пол илјади работни места. Каматните стапки не се поголеми од 12 проценти.

Извршниот директор Тетјана Лазаревска дава препорака за оние почетници кои велат дека имаат проблем да го поминат филтерот на банките:   

-Добар сигнал кај финансиските институции што за да го решат проблемот со немање банкарска историја, оној што сака да почне бизнис може да користи потрошувачки кредит. Зарем тоа не е еден од начините за да се дојде до финансии?!

Во една од анализите на Фондацијата стои дека невработеноста во Македонија достигнува и до 37 проценти и е највисока во регионот. Натаму се наведува дека иако над 99 отсто од регистрираните претпријатија се микро, мали и средни, сепак просечно има 21 компанија на 1.000 жители. Ова е под нивоата во ЕУ, каде има и до 52 фирми на 1.000 жители.



Моделот „бизнис ангели“

Веќе воспоставени големи претприемачи препознаваат добри бизнис идеи кај почетници и се подготвени да ги финансираат нивните бизнис идеи. Во Македонија овој концепт е во зародиш.



Низок претприемачки дух и иницијатива

Македонската развојна фондација за за претпријатија (МРФП) месецов ќе објави резултати од светско истражување во кое од Македонија биле вклучени 2000 испитаници. Од нив, 71 процент сметаат дека започнувањето сопствен бизнис е добар избор за кариера. Над 60 проценти сметаат дека ги имаат и знаењата за да почнат бизнис. Само осум проценти од нив се вклучени во претприемачка активност во рана фаза.


 

Отворање нови бизниси е во пад. Во 2008 имало 10илјади, а во 2009- 8700 нови фирми.


 

Промоција на позитивни примери

„ Битно за луѓето да се охрабрат да почнат бизнис е медиумите да информираат за позитивни примери налуѓе кои веќе успеале“ , вели Тетјана Лазаревска.

На крајот од 2010 беше донесен Закон за финансиски друштва кој овозможува, покрај банките и штедилниците, да се креираат и нови актери на финансискиот пазар за кредитирање, издавање гаранции и платежни картички и факторинг.



AddThis Social Bookmark Button