Продолжат ли миграциите, до 2025 ќе имаме недостиг од работна сила?!

Продолжат ли миграциите, до 2025 ќе имаме недостиг од работна сила?! by DiversityMedia

Кризата во Италија ги заостри критериумите за прием на сезонски работници од Македонија. Според сезонците од Источна Македонија кои деновиве заминуваат, работа може да се добие само со бугарски пасош. Но, и покрај заострените критериуми, селата и градовите од македонскиот исток и натаму се празнат.

Спот на Интернет снимен со мобилен телефон каде талентиран  Македонец  ја користи паузата за ручек и на дрвена гајба ја изведува својата музика. Под врелото сонце на северот од Италија на една од многубројните лозови плантажи тоа е секојдневие за илјадници Македонци. За пет евра од час овие сезонци работат секакви земјоделски работи.  Всушност, еден дел од нив ја работат работата што ја оставиле во нивниот роден крај.

Во виничко Блатец, седиште на некогашната општина, може да се видат редици напуштени ниви и лозја, сопственост на модерните гастарбајтери. Еден млад човек, кој поминал три месеци во Италија вели дека дома, со истата таква земјоделска работа може да се заработи дури и двојно. Но, сепак е тоа странство, макар и во речиси банкротирана Италија, со седум пати поголем долг од финансиски крахираната Грција.

Цело Блатец во Италија

Во Блатец, нема кој не знае за италијанските градови Канели и Алба. Оттаму се речиси сите кои што заминуваат за "старата чизма".  Блатец сега е со преполовен број на жители. Некогаш ги имало и 3.000.

Отец Орце Пешов кого го најдовме кај црква стара 161 година, вели дека последните десетина години селото е опустошено.

-Последните неколку години има по 13-14 крштевки годишно, а од тие деца одвај пет-шест дали ќе останат овде за да одат на училиште. Порано во училиштето имало и по две-три паралелки. Во Блатец речиси и да не постои куќа од која нема некој преселен во Италија. Кога ќе се тргне по селото, гледаш улица со 20 куќи, но дали во три-четири од нив ќе најдете луѓе, заклучува Пешов.

Двете деца на Босилка Ампова се во Италија. Таа  со нејзиниот сопругот  ја надгледуваат новоизградената куќа на ќерката.

-Бев летото таму само да видам како е. Немаме намера да живееме таму. Многу е тешко вака разделени. Инаку добро е, ама далеку се...Ако некој од нас двајца се разболи нема кој да те ѕирне. Се јавуваат преку еден ден. Чувствувам како да сме се виделе.  И така кога ќе се слушнеме, малку маката ми помине, раскажува Босилка.

Во приземјето на убава, но ненаселена трокатница е сместена една од трите селски продавници. Некогаш биле 10 на број, а имало и ресторани и кафулиња. Сопственикот Ацо Тренчовски кажува дека некои се вратиле од печалба. Запрашавме дали светската  економска криза ги врати дома?

-Стравуваат сите. Има две - три  семејства што се вратија последната година, но тоа е мал број во однос на она што се има иселено. Луѓето што се вратиле спечалиле пари и планираат  овде да почнат да работат, вели Тренчовски.

Во Европа со бугарски пасош

Но, овие млади генерации што денес заминуваат, додека да заработат и се вратат, ќе поминат години. Дел од нив, според стечаецот Митко Младенов, заминуваат со бугарски пасош. Негов близок роднина повремено работи во Италија.

-Оди и работи сезонски по два, по три месеци, главно два пати во годината. Со бугарски пасош. Со нашите не може да помине ни граница, такви се процедурите, а и потешко е за работа, посочува Младенов.

Млади луѓе кои сфатиле дека нема работа со визната либерализација, кажуваат  дека луѓе во големи редици чекаат да дојдат на ред и да аплицираат за бугарски пасош во Софија. Само во еден ден имало над 600 граѓани, сведочат луѓе. А потоа, се знае – на еден од автобусите што редовно оди за Канели. Неколку пати неделно комбиња и автобуси тргнуваат  на пат долг 22 часа од Делчево, преку Македонска Каменица и Виница. Повратен билет е 2.500 денари, а многу чести патници се средовечни родители кои тргнале да ги посетат своите деца.

Во минатата сабота во автобусот што тргнуваше рано вечерта најголем дел од патниците беа млади момци, кои работат како сезонски работниџи во Италија. Не’ дочекаа непријателски и се обидоа да  ги заштитат патниците од микрофонот.

Виница е општина со најголем број на вработени по глава на жител. За крајот на 2012 – та година, австриската компанија "Текспорт" ќе го сели својот бизнис во Виница. Но, иселувањето и натаму трае.

Сиромаштија, но и помодарство

Градоначалникот на Виница Емил Дончев вели дека сиромаштијата е причина, но повеќе и од помодарство се оди во Италија.

-Не одат да работат само оние најсиромашните, одат да работат и вработените, кои земаат неплатен одмор и одат за да го зголемат својот семеен буџет. Не заминуваат трајно, туку тоа е привремено работење. Тоа е добра работа за општината, бидејќи тие внесуваат свежи пари, коментира тој.

Неофицијалните бројки во крајниот дел на источна Македонија покажуваат дека повеќе од половината младо население е иселено во странство, главно во Италија. Професорот на Економскиот факултет од Скопје, Славе Ристески, вели дека овие веќе трајни миграции ќе ја остават Македонија без работна сила.

-Се соочуваме со процес на на депопулација. Тоа значи имате повисока смртност од раѓање или т.н. негативен природен прираст. Република Македонија навлегува во длабока транзициска етапа. До 2020-2025 ќе се судриме со тоа да немаме работни контингенти,  иако сега имаме една така висока стапка на невработеност над 30 отсто. Меѓутоа, ќе се исцрпат таквите контингенти поради нискиот наталитет, можеме да немаме т.н. одделни контингенти на училишни и работоспособни контингенти, посочува Ристески.

Македонската амбасада во Италија проценува дека таму живеат 50.000 Македонци. Во Канели неодамна беше оформено и македонско друштво. Таму се преселиле и двајца свештеници задолжени за венчавките и за кршевките. И понатаму патувањата се со билети во еден правец, со ретки исклучоци.   

AddThis Social Bookmark Button