Тензиите на Косово не ја потресуваат Македонија

Тензиите на Косово не ја потресуваат Македонија by DiversityMedia

Само на неколку километри оддалеченост од главниот град на Македонија – Скопје, се случуваат настани кои може да имаат големо влијание за државата. Косово е вовлечено во тензични ситуации со Србија и начините како ќе се решат проблемите меѓу овие две земји може да се одразат и врз Македонија. Но, во земјава не се обрнува големо внимание на овие настани, барем тоа не е толку очигледно. Зошто е тоа така?

Случувањата со Косово и Србија се важен дел во извештаите и анализите во меѓународните медиуми. Само на неколку километри од Скопје, каде се наоѓаат седиштата на повеќето редакции на најважните и влијателни медиуми во Македонија, Косово се спомнува речиси спорадично и без темелни информации.

Албанските политичари од време на време се појавуваат во јавноста со изјави дека настаните во Косово може да имаат големо влијание и на случувањата во Македонија. Но, изгледа изјавите се толкуваат дека безбедносната ситуација во земјава е стабилна.

Стабилно, ама тензично

Но, што всушност се случува во Косово и како тоа влијае на регионот и конкретно на Македонија?

Селадин Џезаири е новинар на приштинскиот дневен весник “Коха Диторе„ кој со години е ангажиран во покривање на регионалните настани. Тој вели дека ситуацијата во северот на Митровица, каде косовските власти се обидуваат да воспостават авторитет на новата држава и покрај негодувањата на локалното српско население, изгледа мирно, но сепак, со многу тензии. Според него тензиите може да се одразат и во Македонија ако се преземат драматични чекори.

-Решенијата може да се рефлектираат во Македонија само ако се оживее идејата која долго се заговара - поделба и размена на територии и луѓе помеѓу Косово и Србија. Сепак овие искази се шпекулации, вели Џезаири.

Експертот за безбедносни прашања Благоја Марковски исто така вели дека настаните во Косово може да имаат влијание врз повеќе држави, но, тој смета дека меѓународниот фактор нема да дозволи зголемување и проширување на насилството.

-Треба да се има предвид дека сето тоа што се случува во регионот заради мешаниот етнички состав на населението може да се прелева како во поврзани садови и тоа да има одередено влијание на непосредното соседство. Тенденциите, намерите, целите кои ги остварува меѓунардоната заедница нема да дозволат некои пошироки турбуленции на безбедносен план на регионот, проценува Марковски.  

Артан Груби, поранешен претседател на невладина организација, сега помошник на лидерот на ДУИ Али Ахмети, често бил ангажиран во настани кои се обидувале да ја објаснат ситуацијата во Косово и контекстот на овие настани во регионот. Тој смета дека случувањата во Косово се следат од политичката елита во Македонија, посебно од албанскиот блок.

-Ситуацијата во Косово и таа во Македонија се поврзани и имаат влијание една врз друга. Поради тоа политичарите и медиумите во Македонија треба да и дадат поголомо внимане и да го третираат Косово на соодветен начин, смета Груби.

Претежно свртени кон себе

Од Министерството за надворешни работи велат дека со големо внимание ги следат настаните во регионот. Но, настаните од таков карактер се одразуваат и во медиумите и во агендите на политичките  партии, посебно на македонските.

Зошто е тоа така ја прашавме Ана Петрушева, уредник на аналитичкиот портал Балкан Инсајт.

-Мислам дека секогаш сме биле свртени кон себе. Тоа се гледа од начинот како се покриваат светските настани. Еве сега хрватските и словенечките избори, мислам дека кај нас на тоа големо внимане не се обрна. Мислам дека доста површно се следат случувањата во Косово или проблемите на Србија со членството во ЕУ кои се повторно поврзани со статусот на Косово, вели Петрушева.

Дека случувањата помеѓу државите во регионот имаат влијание покажуваат и последните ставови искажани од страна на ЕУ за Србија. Без решение на тензиите со Косово Белград не ќе може да го породолжи патот кон Европа, иако во раце ја има картата за влез.

Иако Србија е потесно поврзана со косовското прашање и влијаниата врз неа се поголоеми, исто така се смета дека поради близината, Приштина географски е поблиску до Скопје отколку до Белград. Така, решенијата што може да се донесат може да предизвикаат реакции во Македонија но, и пошироко.

Експертите сугерираат поголемо внимание било тоа да е и подалеку од очите на јавноста.   

AddThis Social Bookmark Button