Двојното државјанство европски врати отвора

Dvojnoto drzavjanstvo evropski vrati otvora by DiversityMedia

Слободата на движење на граѓаните е една од основите на кои почива Европската унија. Во исто време европските земји најавуваат нови условувања на безвизниот режим за Македонија. Во вакви околности анализираме колку земањето на двојното државјанство од некоја од европските земји за македонските граѓани значи влез во Европа на споредна врата.

Лестер Бо Мекејлеб е веројатно најславниот натурализиран Македонец од поново време по успехот на македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство во Литванија. Американецот со македонски пасош е еден од оние граѓани кои благодарение на можноста за двојно државјанство го зачувал државјанството на земјата во која се родил, а го добил она на земјата во која работи.

Македонскиот пасош во Европа, засега е добредојден за туристички посети, но не и за работа. Или ако се добие работа, работодавецот мора да ја понуди и цврсто да ја гарантира, постапка која води кон добивање работна виза.

Ова го потврдува кочанчанецот Славе Серафимов, кој отишол во Италија со македонски пасош, но како што вели, многу полесно би му било доколку имал документи од некоја земја-членка на ЕУ.

-Процедурата е многу поедноставна. Со бугарски пасош веднаш бараш работа и ако најдеш, веднаш добиваш договор за работа. Додека со македонски пасош процедурата е подолга. Треба да се извади виза во Македонија, потоа со визата се доаѓа во Италија за да се добие дозвола за престој и работа, објаснува Серафимов.

Од јануари до септември годинава – 5.530 Македонци со бугарски пасош

За македонските граѓани најлесно да дојдат до европски пасош е преку бугарското државјанство. Она што се бара е докажување на бугарските корени, што според аналитичарката Аделина Марини од бугарскиот портал ЕУ инсајд во испреплетената балканска историја се покажа како едноставно.

-Имаше многу дискусии по тоа прашање. Имаше еден голем скандал со фирми посредници за издавање на бугарски документи. Веројатно делумно се работи за некаков корупциски елемент, а во друг дел и поради фактот дека лесно се добива бугарско државјанство ако се докаже врската со бугарски предци, констатира Марини.

Според нејзе, од 2002 до септември 2011 бугарско државјанство добиле 35.800 Македонци. Оваа година од јануари до септември бугарски пасош земале 5.530 македонски граѓани. Дали оваа бројка може да ја предизвика Бугарија како членка на Европската унија да го покрене прашањето на новото и се ’ побројно национално малцинство на условување при евентуален влез на Македонија во ЕУ?

Марини вели дека тоа може да биде потег на маргинализираните националисти, но не и на официјалната бугарска влада. И македонската влада не очекува ова да биде поставено како услов.  Во писмениот одговор до Диверзити медија,  ставот на владата е дека Македонија се покажала како регионален лидер во почитувањето на малцинските права. 

Меѓутоа, според уредникот во албанската телевизија ABC Арди Пулај, Балканот  има и примери каде давањето државјанство на граѓани од соседна земја било предмет на политичка манипулација. Тој го објаснува случајот на албански граѓани кои добија грчко државјанство.

-Повеќето од тие што отидоа во Грција имаа проблеми со тамошните власти кои се познати по нивните националистички ставови или кон емигрантите. Поради тоа многу голем број на Албанци, иако повеќето од нив се муслимани, за да се приспособат на новиот живот во Грција, ги сменија имињата во грчки. Друг аспект е фактот што во Албанија има грчко малцинство кое се сврте кон Грција, не само за да добијат државјанство, туку и помош. Овие Албанци се изјаснија како Грци за да добијат пензии и други бенефиции, посочува Пулај.  

Егзистенција или патриотизам?

Во 2014-та целосно ќе биде отворен пазарот на труд за граѓаните на Романија и Бугарија. Тоа значи дека Македонците со романски и бугарски пасош ќе имаат можност на добијат подобри работни места. Тогаш би можел да се почувствува одливот на образованите кадри, за кои пратеникот од Канада Павле Саздов, и самиот со двојно државјанство, смета дека државата треба да има некаква стратегија.

-Ова што треба како држава да го правиме е да се осигуриме дека сите наши државјани ќе останат и македонски државјани, без разлика дали имаат и второ и трето државјанство. Пред се’, пасошите се земаат од економски причини и миграцијата се случува од економски причини, така што со зголемен раст на економијата, со повеќе работни места, со зголемување на странските инвестиции, тој проблем ќе се елиминира, верува Саздов.

Од 27-те земји членки само Германија, Шведска и Австрија не признаваат двојно државјанство. Сепак, нашите соговорници не ја исклучуваат можноста под наплив на кризата и некои други земји да го прифатат принципот на само едно државјанство како заштита од доселениците.

Кочанчанецот Славе Серафимов кој е на чекор до италијанско државјанство нема дилема од кој пасош ќе се откаже.

-Да бидам искрен, јас Македонија ќе си ја носам во срцето, ама кога се работи за егзистенција, јас ќе го одберам италијанскиот пасош, искрен е Серафимов.

Поседувањето пасош на туѓа држава е практика и на граѓаните од богатите земји.  Американците земаат канадско државјанство поради поквалитетното здравствено осигурување. Канаѓаните пак, аплицираат за американско државјанство поради поплатените работни места. Некаде е престиж да се земе пасош од земја на семејните корени, како што тоа го направи поранешниот американски претседател Бил Клинтон со ирското државјанство. Меѓутоа, Балканот е сепак друга приказна. 

AddThis Social Bookmark Button