Правобранител за идните генерации. Што е тоа?

Правобранител за идните генерации. Што е тоа by DiversityMedia

„ Формирање нова институција не значи дека ќе има успех ако не работи професионално. Ние и сега имаме такви можности“, коментира Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.

Додека скопјани се задушуваа со воздух од опасна категорија, велешани протестираа против рестартирање на Топилницата, светот најави институција „ Народен правобранител за идните генерации“. Во Македонија речиси никој не знае за ова што во светот се покажува како нужност оти државите повеќе се грижат за парите отколку за животната средина. Некои од домашните експерти коментираат дека и сега во земјава има механизми и институции, но не работат квалитетно.

Дождот кој што падна деновиве го зачисти воздухот во Скопје и се чини им направи услуга на ресорните институции кои се најдоа во тесно зашто во последниот месец од годината загаденоста беше и до девет пати над дозволената граница. Еколошката слика не е розова и во други делови од светот. Затоа, Обединетите нации (ООН) на конференција во Бразил идната година ќе ја разгледуваат идејата да се формира институција 

Омбудсман кој ќе ги штити правата на идните генерации. Светската мрежа на невладини организации Social Watch неодамна објави извештај во кој идејата се разработува во детали.

Според уредникот на студијата Роберто Бисио, без соодветна реакција, идните генерации ќе го наследат товарот од уништувањето на шумите, загадувањето, климатските промени што го има денес.

”Се работи за природата, но се работи и за нашите внуци, за нашиот дигнитет и за очекувањата на 99 проценти од седумте милијарди мажи и жени, девојчиња и момчиња на кои пред две децении им беше ветена одржливост. Наместо тоа, надежите се претопија во жетони од светското финансиско казино што не го контролираат”, коментира Бисио.

Иџет Мемети: Само јаки институции може да штитат

Според студијата, во светот има недостаток на механизми за мерење на одржливоста и за спроведување на политиките. Народниот правобранител за идните генерации би одговарал пред граѓаните, би бил независна институција избрана од Парламентите, со целосен пристап до релевантните информации. Би бил лост меѓу граѓаните и владата.

Според Уставот во Македонија има еден народен правобранител. На оваа функција е Иџет Мемети. За Диверзити Медиа ја коментира идејата и за правобранител за идните генерации:

„Не е спорно дека можат да се формираат бранители на локално, регионално ниво итн. Меѓутоа, само јаки национални инструменти кои се засновани на Устав и што ја имаат поддршката од Парламентот може многу поефикасно и поефективно да превенираат и штитат”, смета Мемети.

Иако и екологијата е во негова надлежност, народниот правобранител вели дека граѓаните ретко се обраќаат за помош.

„Има еден таков ментален склоп според кој граѓаните не се доволно свесни дека е тоа многу битно за нив и оти треба да го пријавуваат. А, од друга страна ние како институција работиме на општите појави на големите загадувачи“

На почетокот на декември со еден од најголемите еколошки протести што се одржале во Македонија, велешани се кренаа против рестартирањето на Топилница за олово и цинк. Поради долгогодишното загадување Светската здравствена организација (СЗО) во 2001 година го прогласи Велес за опасно место за живеење.

Локалниот еколошки лидер Ненад Коциќ вели дека барале помош од сите институции, меѓу кои и од Народниот правобранител.

„ Од страна на Народниот правобранител ни беше кажано дека случајот ќе се разгледа, меѓутоа потоа добивме одговор дека тоа не било во негова надлежност. Така што, ако не е надлежен за нас, што им останува за идните генерации? прашува Коциќ со оценка дека нов посебен омбудсман би бил од корист.

Македонија, според примерот на многу земји во светот има Министерството за животната средина. Државниот секретар Соња Лепиткова вели дека кај нас нема иницијатива за Омбудсман за идните герерации и предлага сегашниот Народен правобранител да има посебна служба за екологија.  

„Тоа е прашање на функционирање и на знаење. Меѓутоа, не значи дека дури и ако се формира институција таа тоа добро ќе го прави, ако навистина со тоа не се зафати професионално. И сега ги имаме тие можности“, тврди Лепиткова.

Државата со декларативен став

Земајќи го примерот со Велес, Коциќ смета дека досегашните ресорни институции не се ефикасни. Во градот како што посочува тој, и натаму се раѓааат бебиња со генетски мутации, има зголемен број на спонтани абортуси и рекордно многу заболени од рак.

„Владата отсекогаш само декларативно велела дека здравјето на велешани е најбитно, меѓутоа во пракса еве до денеска, декември 2011, нема конкретни мерки да се преземе нешто“ , коментира Коциќ.

Лепиткова оценува дека државата со години не водела сметка за еколошките аспекти и оти многу повеќе била битна индустријализацијата и вработувањето. Но, вели дека пристапот се менувал.

Унгарија се чини е светски лидер во институционално јакнење на еколошката свест. Од 2008 има парламентарен комесар којшто има улога на Народен правобранител за идните генерации со широка надлежности да истражува, да крои политики и да ги промовира.   

Ако го имаше и Македонија можеби поинаку ќе завршеше еколошкиот судскиот спор што Велес го покрена против државата, кој на крајот го загуби. 


 

Податоци кои ве тераат да закочите

- САД: Земјата е дом на 5% од светската популација, а сепак троши 25% од светската енергија и е одговорна за 22% од светската емисија на индустриски јаглероддиоксид.

- Малезија: Од 1990 до 2005 годишната стапка на сечење на шумите се искачи на 86%

- Италија: Под закана се 68% од сувоземните ’рбетници, 66% од птиците,  64% од цицачите, 88% од слатководните риби

- Аргентина: Од 1998 до 2006 се сечеле по еден хектар шума на секои две минути


AddThis Social Bookmark Button