Сарај - првиот тест за Тачи и за Османи!?

Сарај - првиот тест за Тачи и за Османи by DiversityMedia

Конечниот резултат на изборите за градоначалник на скопската општина Сарај ќе се објави откако ќе завршат разгледувањата на жалбите поднесени од ДПА, која не ја признава победата на ДУИ. Но, овие избори ја донесоа првата изборна трка на албанските опозициски партии – ДПА и НДП и тоа на повеќе од десет дена од нивното соединување.

Анализираме што овој изборен процес значи за политичката сцена во Македонија по подавањето рака на лидерите на двете партии – Мендух Тачи и Руфи Османи.

Кампањата за предвремени избори за градоначалник на Сарај, која е единица на локалната самоуправа на град Скопје се одвиваше без еуфоријата на предвремените парламентарни избори од пред неколку месеци.

 

Изборниот процес од пред неколку дена кој не е сеуште завршен, сепак на терен донесе соочување на ривалските политички субјекти. Изборната трка имаше новина повеќе. Од едната страна беше ДУИ, а од другата ДПА и НДП кои објавија соработка неколку дена пред изборите во Сарај. Но, дали овие избори беа тест за соработката на овие две албански политички партии?

-Коалицијата ДПА – НДП иако е неофицијална дејствуваше во оваа општина. Но, сметам дека најдобриот тест на оваа коалиција ќе бидат локалните избори во 2013 година. Избори во една општина (Сарај), кои беа локални и предвремени и каде граѓаните не беа мотивирани да излезат да гласаат не верувам дека се барометар кој ја покажува политичката силата на оваа коалиција, смета Сефер Тахири, аналитичар и универзитетски професор.  

Основачот на дневниот весник „Коха„ Лирим Дулови пак, смета дека иако се работи за изборен процес со мал број на гласачи, соочувањето на партиите е основна форма за мерење на нивната моќ.

-Несомнено може да се смета како мал тест бидејќи двата опозициски субјекти беа во трка спроти ДУИ и изгубија со голема разлика. Мислам дека ова е сигнал повеќе за новите партнери кои треба да ги консолидираат нивните редови и да излезат со конкретна понуда пред гласачите бидејќи самиот факт на соединување не значи ништо за албанкиот гласач, коментира Дулови.  

Се надѕира ли голема меѓуалбнска коалиција?

Ако овие избори беа во фокусот на албанската јавност, бидејќи поголемиот дел на електоратот во општината се Албанци, македонската јавност не обрна големо внимание.

Но, во време кога цела опозиција, вклучувајќи ја и македонската, се обидува да се соедини, какво значење изборите за градоначалник на Сарај имаат за целокупната политичка сцена во Македонија?

Новинарот Александар Чомовски вели дека се испратија пораки кои вреди да се земат предвид.

-Погледите во политичкиот кампус на Македонија кон тандемот Османи-Тачи произлегува од опозиционерски дискурси, а тоа е дека доаѓа време на урнување на Владата на Груевски. Не врз основа на природни околности и политички проценки, туку врз основа на инструкции што Вашингтон би ги дал - Ахмети (ДУИ) да излезе од Владата, анализира Чомовски и додава:

-Тргнувајќи од таков дискурс тогаш се калкулира дека може да дојде до таканаречена голема интералбанска коалиција која може да влезе како трио во идната Влада. Тоа изгледа неприродно и вештачки и од тие причини мислам дека сојузништвото на Тачи и Османи не изгледаше идеолошки блиску, туку повеќе здружување за интерес.   

Кој е заедничкиот интерес?

Идејата за сооединување на ДПА и НДП се објави пред повеќе од една недела. Тахири и Дулови сметаат дека треба време за да се видат ефектите од соработката помеѓу Тачи и Османи, но и појаснување на нивните политики од новата позиција.   

-Коалицијата ДПА-НДП нема јасна политичка понуда. НДП бара држава со еднакви права за албанскиот и за македонскиот народ, додека ДПА нов договор каде има два столба, формирање на дводомен парламент и подеднаква поделба на буџетот за Албанците. НДП треба јавно да каже дали го прифаќа новиот договор на ДПА или бара негово ревидирање и сплотување на програмите на двете политички партии, смета Тахири.

Дулови пак вели:

-Треба да има конкретна понуда и да ги убедат граѓаните дека тие се во состојба и да ја реализираат. На пример, идејата за новиот договор со македонската страна звучи многу убаво, но треба да се објаснат механизмите како може да се постигне овој договор кога ги имаме предвид ставовите против овој договор на македонските партии и на власта и на опозицијата.  

Изборниот процес за градоначалник на Сарај кој се одржа поради преминувањето на Блерим Беџети на чело на Министерството за правда не е целосно завршен. ДПА обвини за манипулации. Но, сепак набљудувачите велат дека гласачите на оваа општина ги даде првите впечатоци на соработката ДПА – НДП. Сепак најголемиот нивен предизвик ќе биде во 2013година, кога ќе се одржат локалните избори на целата територија на државата. 

AddThis Social Bookmark Button