Ни голи украински активисти не можат со македонските пасивисти

Ни голи украински активисти не можат со македонските пасивисти by DiversityMedia

Македонскиот Устав го гарантира правото на мирно собирање и изразување на јавен протест. Но, наспроти широкоградоста на Уставот, според експертите, законите ги  ограничуваат оние кои што организирано сакаат да изразат став. Поради тоа, а и поради изразената пасивност кај народот, според искуството на невладиниот сектор, отсуствува граѓански активизам кој би бил своевидна контрола на власта.

 

"Да живее Белорусија", скандираа полуголите активистки на украинската организација "Фемен" и завршија полеани со бензин во шума близу Минск, со обоено лице и ошишани. Ретко кој протест на женската група завршил без влечење или апсење од полицијата, но нивните настапи редовно се атрактивни за телевизиите и фотографите.  Својот став или протест девојките кои се декларираат како борци за женските права го изразуваат оскудно облечени, секогаш во топлес издание.

Ана Гуцол од "Фемен" вели дека тоа е ефектен  начин како да дојдат до женските права.

„ Нашата сексуалност ја користиме за да ги "продадеме" овие социјални теми. Сите знаат дека тоа привлекува внимание, дека влијае многу силно, тоа е ефект, тоа е скандал, кој го применуваме за да ги презентираме нашите идеи. И тоа дава резултати„, категорична е Гуцол.

Последниот масовен протест сме го имале во 2002

Во Македонија не дејствуваат разголените Украинки, а нивните ефектите не можат да ги постигнат ниту масовните партиски собири за време на избори.

Активистката за човекови права Мирјана Најчевска смета дека Македонија нема традиција на демократско движење кое ќе ја преземе улогата на контрола врз работата на власта.

„Граѓаните запаѓаат во некаква апатија со неможноста низ институциите на системот вистински да ги остварат барањата и интересите. И поради тоа, кај дел од граѓаните автоматски постои огромна доза на страв дека на овој или оној начин ќе бидат етикетирани доколку се впуштат во ваков вид на изразување на незадоволството, како и на посебните потреби и интереси. Или, тоа едноставно е без никаков резултат и само вид на индивидуална бламажа“, коментира Најчевска

Последниот масовен синдикален собир во Македонија со 14.000 луѓе  бил пред  донесувањето на пензиската реформа во 2002 година. "Ако може некој друг наместо мене, ама правото што ќе го оствари да го уживам и јас" – ова се честите реакции на кои наидуваат синдикалците кога се обидуваат да го мобилизираат своето членство. Синдикатот на металската индустрија и енергетичарите и рударите веројатно е единствениот кој планира мирен протест на денот кога Собранието ќе гласа за законските измени со кои се скратува правото на надомест од државата.

Немаме ни суптилни начини на притисок

Секретарот на овој синдикат Маре Анчева кажува дека работниците многу внимателно влегуваат во такви организирани собири.

„ Ова секогаш се поврзува со начинот на кој се спроведе транзицијата и транзициските промени кај нас, со начинот и темпото со кои се губеа работните места и со тоа колку е тешко повторно да се добие вработување. Нашите луѓе сега се многу внимателни во изборот и учестото во активности за кои тие самите проценуваат дека би можело да има какво било влијание врз сигурноста на нивното работно место“, објаснува Анчева.

Таа вели дека не секогаш протестот е начин да се изрази незадоволството. Може да се применат суптилни начини на притисок како на пример, носење лента околу рака или на чело. Или кога доцни платата, сите да облечат маица со натпис „Сакам плата“. Или она што го применуваат словенечките синдикати, кои објавуваат бела и црна листа на работодавачи и фирми. 

Се чини, полето на кое се пренесоа реакциите и искажувањето ставови се социјалните мрежи, кои станаа нов младински "Хајд парк".  Ова е ставот на Дона Костуранова претседателката на Младинскиот образовен форум (МОФ), кој последните години голем дел од својата енергија ја насочува кон раздвижување на пасивната младина.

„Ако сакаме млади што ќе бидат општествено активни, треба да им дадеме шанса да практикуваат демократија. Таа шанса во многу земји се дава преку средношколско организирање – односно доаѓаш во училиште, гласаш, избираш твој парламент, претставник.  Исто и во студентското организрање. Во Македонија ,средношколските избори се мистична појава каде ниту се знае кои се претседатели, кои се членови, како тие се избираат.. И така, младите не може да бидат општествено активни, да зборуваат за своите права, да се застапуваат, ако системот не им го овозможува тоа“, вели таа.

Некои работи не може да се премолчат

Спонтатниот протест по смртта на Мартин Нешкоски каде учествуваа главно млади луѓе, според Најчевска покажа дека пред некои настани или појави едноставно не може да се премолчи:

„Ова е начин и на едукација и на власта. На се’ она што претставува демократија и потреба за водење сметка за изразеното мислење на граѓаните. Ова е подолг процес во кој влегуваме и кој значи демократска обука и на власта и на граѓаните и со кој ќе преминеме прагот на апатија на двете страни“.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во програмата со која настапи на последните парламентарни избори напиша дека го почитува правото на слободно изразување преку што се  овозможува  контрола на власта. Од друга страна, американскиот Стејт департмент во последниот извештај за состојбата за човекови права забележа притисок врз медиумите. Извештајот наведува дека законот дозволува синдикатите да работат без пречки, но не секогаш Владата законите ги спроведува во пракса. 

AddThis Social Bookmark Button