Стратегија од „денес за вчера“

Стратегија од „денес за вчера“ by DiversityMedia

Македонија досега изработи два развојни документа и двата во период од три години.

Со стратегијата 2008-2013, актуелната Влада се обиде уште еднаш. Но, по критиките во јавноста таа беше повлечена. Одредени делови беа оценети како скандалозни. На пример, онаму каде што се зборува за банкрот на фирми се даваат историски примери дека за вакво дело во Англија се сечеле уши. Или во делот за демографија, зацртана е цел да се намали бројот на самци.

Македонија е една од ретките држави кандидатки аспирантки за членство во Европската Унија која нема среднорочен или долгорочен развоен план. Експерти оценуваат дека од економски аспект тоа ги одвраќа инвеститорите што сакаат прецизна рамка. Од друга страна, според оценките, се праќа политичка порака дека земјата не сака членство во ЕУ.

Шеќеринска: Водиме политика од "денес за утре"

Македонија во континуитет се задолжува кај меѓународни финансиски институции. А, од друга страна не ја користи помошта од фондовите на Европската Унија. Оние кои ги следат процесите на евроинтеграции оценуваат дека ова е една од најголемите нелогичности во економската политика на Владата.

Така, на пример, инструментот за претпристапна помош ИПА проектира 11,5 милијарди евра за периодот 2007-2013 за Македонија, Турција, Хрватска, Исланд, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. Македонија може да користи над 600 милиони евра. Досега земјава искористила само околу 65 милиони евра.

Една од причините за ваквата практика, за Наташа Јованова од Македонскиот центар за европско образование е тоа што земјата нема развојна стратегија која е механизам да се користат европските пари.  

„Тој документ е Библијата, основниот и почетен документ којшто јасно ги дефинира развојните приоритети на државата. Документ којшто ги одредува подрачјата во коишто постојат проблеми и во коишто треба да се вложат и насочат сите напори и сите средства на државата, како и помошта од ЕУ за да може да се оствари економски развој “, вели Јованова.

Радмила Шеќеринска, претседателката на Националниот совет за евроинтеграции, за Диверзити Медиа со критика дека актуелната Влада води политика од „ денес за утре“. И дополнува оти власта не размислува за стратешките интереси, за слабостите на економијата и како тие да се решат на долг рок.

„Како резултат на таквата политика Македонија е единствена држава во која до денес не е искористено ниту едно евро од европските пари за конкурентност коишто може директно да се насочат кон македонските фирми. Заради ова, земјата секоја година паѓа на скалилата на конкурентност, извоз на атрактивност на нејзините производствени капацитети“, посочува Шеќеринска.

ЕУ гледа во 2020, ние само до 2013

Освен економските последици, немањето развојна стратегија има и влијанија.

„Политичката порака што се праќа е тоа што оваа Влада или оваа држава не сака да оди во ЕУ “, вели Јованова од Македонскиот центар за европско образование и оценува дека Македонија би требало да ја следи политиката на Европската Унија која минатата година го усвои документот „Европа 2020“ . Во документот-стратегијата, меѓу другото, фокусот е ставен на одржлив развој преку иновации, млади, дигитализација, ефикасна употреба на ресурсите.

Македонија досега изработи два развојни документа и двата во период од три години. Актуелната Влада направи уште еден обид со стратегијата 2008-2013 којашто е повлечена по критиките во јавноста. Одредени делови беа оценети како скандалозни. На пример, онаму каде што се зборува за банкрот на фирми се даваат историски примери дека за вакво дело во Англија се сечеле уши. Или во делот за демографија, зацртана е цел да се намали бројот на самци.

Наташа Јованова

„ Државата не настојува да стане членка на ЕУ колку само да биде членка на ЕУ, туку со помош на Унијата да се овозможи економски раст и развој и подобар животен стандард за сите граѓани. “

Вице-премиерката за европски прашања Теута Арифи откако е на оваа функција по јунските избори досега не зборувала за националниот развоен план. Во јавните настапи повеќе е насочена кон спорот со Грција за името. Диверзити медиа побара но, не доби одговор дали Македонија ќе има развојна стратегија. Арифи зборувајќи неодамна за искористување на европските пари беше критична. 

„ Нашите капацитети треба да ги надградиме за да ги повлечеме и за да бидеме поефикасни во нивното користење. Тоа значи дека ни требаат посилни административни капацитети во централната администрација. Но, тие капацитети треба да се зајакнат и во рамките на локалната самоуправа “.

Чешка - Развојна стратегија потрајна од владин мандат

Примерот на Чешка е сличен со македонскиот. Во периодот пред почеток на преговорите со Унијата, државата имала исклучиво краткорочни развојни планови затоа што политичарите имале одбивност поради долгогодишната планска економија во времето на комунизмот, објаснува Радомир Шпок од прашкиот институт Еуропеум.

Сепак според него, работата подоцна се сменила и еве која е придобивката:

„Она што за мене е најважно е дека усвоената долгорочна стратегија го надминува периодот на избори на одреден владин состав. На пример, ако усвоиме десетгодишна развојна стратегија, тоа значи дека ќе биде имплементирана од најмалку три влади со мандат од по четири години “, вели Шпок.

Србија иако е чекор зад Македонија и не е ни земја кандидат за членство, веќе изготви стратегија 2020. Следејќи ги насоките на ЕвропскатаУнија, на пример, проектира дека за десет години стапката на сиромаштија ќе ја намали од 17 на 14 проценти.

Што значи развојна стратегија веројатно добри примери се Естонија и Ирска. Пред влезот во Унијата Талин одлучи сите пари да се потрошат на развој на ИТ секторот и на пристапот до Интернет. Даблин направи економски бум кога стратешки одлучи сопствените и европските фондови да ги искористи за развој на човечките ресурси преку нивна обука. Инфраструктурата беше во втор план.

Она што во моментов го има Македонија е четиригодишна програма на Владата во која во најголем дел е пресликана изборната програма на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.


 

ЕУ стратешки иницијативи за одржлив раст до 2020

1. Иновативна унија

2. Младите во движење

3. Дигитална агенда за Европа

4. Европа со ефикасна употреба на ресурсите

5. Индустриска политиката за ерата на глобализацијата

6. Пакт за нови вештини и нови работни места

7. Европска платформа против сиромаштијата


 

ЕУ и Србија: сегашна состојба и развојни цели

 

ЕУ 2010

ЕУ 2020

Србија 2010

Србија 2020

 

Вработеност- старосна група 20-64 години(%)    

 

68

75

49

65

Инвестиции во истраж.и развој

(% БДП)  

 

1,9

3,0

0,3

2,0

Учество на потришувачка на обновливи извори енергија(%)

16

20

12

18

Енерг.ефикасност(тое/1000$ БДП)

 

0,21

0,17

0,96

0,57

Популација 30-34 години со универзитетска диплома (%)

 

31

40

21

30

Стапка на сиромаштија

16

12

17

14

 

 

AddThis Social Bookmark Button