Дивите отпади во подем, граѓаните во шахта

Дивите отпади во подем, граѓаните во шахта by DiversityMedia

Откупот на старо железо и други секундарни суровини стана вносен бизнис во Македонија, каде државата, се чини дека не успеа да стави ред. Се проценува дека покрај 150 легални откупувачи, во моментов на терен работат двојно повеќе диви отпади каде се носи крадено железо. Граѓаните што остануваат без струја поради кражба на цели трансформатори или завршуваат во отворени шахти реагираат на отсуство на акција од органите. Дали навистина институциите затајуваат?!

21-годишниот  Пане Пеев од Штип, по долгата саботна забава во кафулето каде работел,  тргнал да го фрли ѓубрето и на чекор до контејнерот завршил во шахта длабока пет метри. Почнал да довикува помош, меѓутоа во два часот наутро немало кој да го чуе. По десетина минути негов колега тргнал да го бара и  го слушнал како вика.

„Дојдоа од Брзата помош и Пожарната. Додека да дојдат сопственикот (на кафулето) се симна во шахтата и му помогна да излезе. Го болеше се’, не можеше да дише добро, не можеше да се движи добро. Го однесоа во болница, го сликаа и остана таму“, вели тој. 

Пеев пропаднал во канализациска шахта чиј капак веројатно завршил на некој од бројните отпади каде старото железо се откупува за 10 до 12 денари за килограм. Тој што ја украл, за капакот добил околу 100 денари, но штетата што ја предизвикал е далеку поголема.  Момчето може да го тужи јавното претпријатие што стопанисува со мрежата, како што тоа го направил друг граѓанин, кој за повредите по падот во шахта од судот добил пресуда за обештетување од 450.000 денари.

Директорот на јавното претпријатие „Штип проект“, Тони Јовев вели дека неговите 15 вработени не можат да стражарат над 1.000 шахти во градот. Јовев ја сумира штетата од украдените капаци. 

„Во минатата година имавме штета од околу 800.000 денари, вклучувајќи ја и пресудата, што е многу, ако се земе предвид што со тие пари може нешто друго да се изгради во градот“, објаснува Јовев.

Тешките железни капаци за шахти спаѓаат во списокот на предмети забранети за откуп од страна на откупувачите на секундарни суровини, а сепак и натаму се крадат. На списокот на забранети предмети се и пруги, бакарни телефонски кабли, споменици од месинг, кои според упатените, често завршуваат на дивите отпади. Изминатото лето 100 куќи во околината на Штип неколку месеци беа без струја откако беше украден бакар од трансформаторот за струја. За 300 денари се откупува килограм бакар, а за 160 денари килограм месинг.

Дивите отпади - проблем и за легалните

За да се увериме во постоењето на дивите отпади тргнавме кон штипската ромска населба, каде слушнавме за постоењето на три нелегални отпади. Во населбата законски работи откупниот центар на семејството Демирови. Во уредно оградениот и бетониран отпад  доминира пластичната амбалажа. Бучна машина ја дроби и балира пластиката, од каде потоа се пренесува во големите откупни центри.

Омер Демиров вели дека и за нив проблем се дивите отпади.

„На улица функционираат, си работат слободно, никој ништо не им прави. Велат „јас имам работа со овој, со оној", се’ зборуваат за некои партии. Партиите да ги оставиме на страна, бизнис си е бизнис, но, со дозвола и со почитување на законот“, рече Демиров.

Неговата сопруга Енисе Демирова информира дека на состаноците на Групацијата за секундарни суровини при Стопанската комора на Македонија, каде тие членуваат, дивите откупувачи им се главна тема.

„Треба да има организирана акција од страна на полицијата и од страна на инспекциите. Инспекциите веќе знаат, кажано им е, имаат доаѓано на лице место и самите се имаат уверено дека постојат такви центри. Меѓутоа, тие откупни центри си продолжуваат да работат. На кој и каков начин, ние не сме во тек“, вели таа.

На средина од улицата што води од населбата до центарот на градот, пред една куќа наидовме на табла од плех каде некој со бела боја напишал дека се откупува железо. Дворот беше полн со железо и пластични шишиња. Еден постар човек брзо ги забележа микрофоните и побара да заминеме. Соседите што ги сретнавме кај блиската продавница, одбија јавно за зборуваат, но, се пожалија дека често остануваат без премин на тесната улица кога доаѓаат камиони да товарат железо. Рекоа дека покрај овој, во ромската населба има уште два диви откупни пункта.

Сите ги гледаат, никој не ги санкционира

Чудно е што дури неколку инспекции имаат надлежност врз работењето на откупните центри за старо железо, а дивите отпади и натаму работат без проблем. Покрај техничката инспекција, надлежни се уште пазарната, трудовата, финансиска и секако еколошката. Директорот на Еколошкиот инспекторат Фирус Мемет вели дека законот им дал надлежности, но и дека законот ги ограничил.

„За жал, законот не ни дозволува да влегуваме во семејни куќи и дворови. Ни треба судски налог и сосема поинаква постапка. Од нашите сознанија, конкретно за Штип, имаме такви појави, пред се значително мали откупувачи што го вршат откупот во сопствените дворови. Треба полицијата да влезе, да направи контрола и да ги одземе“, тврди Мемет.

Во полицијата пак, засега само ги регистрираат кражбите на старо железо, бакар или други метални добра за општа употреба. Не така одамна, кражба на бакарен кабел со кој се регулира железницата сосема го парализира сообраќајот во источниот дел на државата.  

„Зачестени се кражбите. Тие се вршат на територијата на цела Македонија. Неопходна е поголема соработка со Министерството за економија и поголема контрола над откупните пунктови“, вели Снежана Санева, портпарол на штипската полиција.

Наспроти честите пријави на граѓаните и компаниите за кражби на секундарни суровини, во судот само една десетина од предметите се за кражба на железо. Судијата Стојан Михов објаснува дека најголем проблем е тоа што тешко се изведуваат докази, ако на лице место не се фатат сторителите.

„Сторителите на овие дела најчесто се организирани, во смисла јавување по мобилен телефон доколку наиде полиција или некое лице со цел да ги види. Сето тоа прави одреден дел од овие кражби да останат неоткриени, поради што последиците се огромни. Кражба на една шахта може да предизвика големи последици, како сообраќајна незгода, каде може да бидат загубени и животи“, констатира Михов.

Еколошкиот инспекторат бара да се измени законот со кој инспекторите ќе можат да затворат пункт или да изречат казни на лице место, што сега е работа на судот. Легалните откупувачи се плашат дека тоа ќе значи дека тие можат да настрадаат, но не и дивите, кои засега товараат шлепери кои директно заминуваат за Грција или Албанија.   

Истражувачкиот проект е подржан од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и проектот SCOOP.

AddThis Social Bookmark Button