(Против)уставен релјеф на Порта Македонија?

(Против)уставен релјеф на Порта Македонија? by DiversityMedia

Објектот промовиран пред неколку дена, кој е дел од „Скопје 2014“ предизвикува реакции. Портата Македонија, која личи на Триумфалната капија во Париз содржи релјефи кои се толкуваат како земјава да покажува територијални претензии кон соседните држави, што се смета за противуставно.

Дали уметничко дело може да има проблеми со законите?

На промоцијата на Портата Македонија премиерот Никола Груевски одржа говор. Објектот многу наликува на Триумфалната капија во Париз. На неа има 32 релјефи на кои се изработени, како што се објаснува, историски моменти на кои Македонија се прикажува со граници поголеми од актуелните.

Правото препозна противуставност, уметноста не познава закони

Портата чини 4.4 милиони евра. Таа е дел од проектот „Скопје 2014“ и се изгради со пари од државниот буџет. Една од пораките "вградена"во Портата е проблематична и со законите. Вака вели Осман Кадриу, професор по уставно право. Според него, Македонија еднаш го промени Уставот бидејќи спомнуваше територии надвор од актуелните гранци.  

„Делото доаѓа од државата, бидејќи државата го овозможи. Цел тој проект се прави со дозвола на државата. Ни еден архитект, ниту градежна компанија која ги гради овие објекти не ќе можеа да направат ништо ако зад нив не застанеа државните институции. И поради тоа, симболите кои се манифестираат на Порта Македонија кршат два амандмани на Уставот„ вели Осман Кадриу.

Оттука, дали може уметничко дело да има законски последици?

Уметниците се спротивставуваат на вакво нешто. Според нив, уметноста преставува начин на изразување која ако се ограничи, како што имало случаи во минатото, тогаш тоа ќе се смета за ограничување на слободата на изразување и на размислување.

За Сликарот Милош Коџоман, уметникот и уметноста не може да се гледаат од призмата на законите, особено ако не понижуваат или не повикуваат на криминал. Но, секако дека уметничките дела предизвикуваат реакции.

“Може да се каже дека таа слобода во уметничкото творештво не би требало да потпаѓа под некои законски нормативи и се препоставува дека уметничкото дело треба да има апсолутна слобода во изразувањето. Меѓутоа, понекогаш знае да и посмета на владејачките структури и тие да бидат прогласени за непожелни„ вели Коџоман.

Делото не зрачи со слобода на уметникот

Но, во случајот Порта Македонија имаме ситуација каде уметноста се обожува од власта. Дури дел од нашите соговорници сметаа дека делото е направена по однапред предвиден вкус и критериуми. Делото е “спонзорирано„ од државата. Тоа може да се види и во обраќањето на премиерот на официјалното отворање на Портата.

Токму поради тие факти, Лулзим Хазири, новинар и поет го поставува прашањето колку се работи за дело со вистински уметнички вредности, надвор од пораките кои според него, се диктирани да бидат патриотски. За нешто што уметникот не го оставило слободен во неговата креативност.

„Во историјата познати се дела на уметници во Италија, Франција кои биле спонзоризирани од државите, но тие се издигнувале над тоа спонзорство и над тоа што се барало од нив. Со нивната уметничка работа тие ги надминале адресираните барања за нивната уметност , како Систинската капела и други скулптури и го оставиле белегот на уметникот“, вели Хазири.  

Одговорност кај нарачетелите

Правните дилеми поради пораките на Порта Македонија каде има проблематични мапи кои ја покажуваат Македонија со територии на денешна Грција, Бугарија и Албанија доаѓаат бидејќи државата плаќа и ги нарачува овие дела.

Сашо Кокаланов, новинар и драматург вели дека во некои случаи самиот Премиер, Никола Груевски има дадено одредени решенија за некои градби. И тој ја оспорува уметноста во овие дела и колку тие можат да се третираат како такви? За политичките реакции, тој одговорноста ја гледа кај нарачателите на делото.   

„Многу е тешко да се одреди каде завршува уметноста и почнува политиката и обратно. Со прашањето дали одреден споменик, капија или зграда е убава или не, завршува дискусијата во делот на уметноста. Понатаму сите прашања што ќе се дискутириаат веќе не се во доменот на уметноста и не треба уметноста да ја мешаме во тие теми. Уметник со свое дело не може да прекрши Устав, но нарачателот на делото може. Правниците треба да ги анализираат тие аспекти“, вели Кокаланов.

Забранета претстава, предизвикувачка книга, провокативен графит

Уметниците и сите тие кои ја поддржуваат слободата на изразување се согласуваат дека ако се почитува слободниот збор, во овој случај преку уметност, уметничките дела не би требало да имаат проблеми со законите. Иако во историјата имало случаи кога книги, претстави, филмови биле забранети поради пораките што ги испраќале. И во Македонија имало такви случи во последните години, кога се забрани театарска престава, книга која предизвика реакција или кога пред извесно време полицијата реагираше за еден графит на голема Албанија.

За проектот Скопје 2014 имаше голема политизација во барањата зградите да имаат одреден изглед, поради поставување споменици на фигури кои се почитуваат и од соседните држави и поради големите фондови кои се трошат. Набљудивачите велат дека проблематичен е токму сомнежот дека изборот на делата е направен под некаков диктат. Практично, тие се избираат од комисии кои се формирани од институциите кои ги градат.

Политичарите велат дека немаат одговорност бидејќи според нив компетентни личности одлучувале. Но, очигледен е фактот дека делата кои се реализираат се според вкусот и размислувањата кои ги артикулираат политичарите од актуелната власт. 

AddThis Social Bookmark Button