Дали политичарите и граѓаните живеат во иста Македонија?

Дали политичарите и граѓаните живеат во иста Македонија? by DiversityMedia

Во Македонија се менувале политички гарнитури, партиски лидери и функционери на високи позиции. Но, обично реалноста ги демантирала оптимистичките најави на водачите за генералниот општествен напредок. И во 2011, на пример, требаше да се случи подобра инфраструктура, странски инвестиции, намалување на невработеноста, покана за НАТО...

Топ реформатор или на врвот по мизерија?

Дали Македонија е меѓу најпосакуваните туристички дестинации за Европејци или е на врвот држави според индексот на мизерија? Топ реформатор е или е лидер според бројот на невработени? Овие информации од разноразни  истражувања и анализи се помалку збунувачки отколку кога политичар ќе најави подобар живот идната година, а, за обичниот граѓанин во реалноста се останува исто.

Според примерот на парното греење во Скопје, дури и полошо. По двојното поскапување, Топлификација направила порамнување на долговите, па затоа некои корисници за декември лани, добија сметки повисоки за 50 проценти.

„ Декемвриската ни е повисока од ноемвриската. “

„ Двојно од минатиот месец“

„ Ние го исклучивме парното затоа што цените се големи и не гледаме ефект од онаа летна сезона за која плаќаме баснословни суми, а не го добиваме потребното греење. “

Ова не беше проекција на Владата за минатата година. И тешко се вклопува во проектираната инфлација од три проценти, која на крајот на годината, според Државниот завод за статистика стана безмалку четири отсто.

Економски раст се најавуваше со директните странски инвестиции кои по дефиниција носат нови работни места. Во својата економска програма Владата проектираше 300-400 милиони евра. По летните одмори министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека до крајот на годината ќе влезат инвестиции "тешки" 300 милиони евра. Во втората половина од годината дури е забележан пад на инвестициите. Според податоци од Народната банка на Македонија заклучно со септември лани, во земјава се инвестирани 182 милиони евра. Меѓу нив и втората фабрика на "Џонсон Контролс" во Македонија, во штипската индустриска зона.

„ Кога некоја компанија одлучува да инвестира по втор пат во истата земја, тоа значи дека е задоволна од првата инвестиција. Оваа фабрика освен што ќе отвори нови работни места, ќе  значи подобрување на состојбата на граѓаните во регионот каде што ќе биде стационирана. “ оцени тогаш премиерот Никола Груевски.

Потфрлувањето во вторите шест месеци од 2011 Груевски го објасни со ефекти од должничката криза во Европа. Во ваков период, Србија на пример, која е лидер во регионот привлекла над една милијарда евра странски капитал.

Во лов по инвестиции, лани Македонија продолжи да се промовира како реформатор во административните процедури. Власта континуирано се залагаше и за реформа на јавната адинистрацијата која е жестоко критикувана како од домашните, така и од странските компании.

Во 2011 беше промовиран ИСО стандард за квалитет. На некои шалтери беа поставени уреди со кои граѓаните оценуваа колку се услужни службениците. Ресорниот министер Иво Ивановски пред камерите анкетираше граѓани колку се задоволни од услугите.

Бачев – администрацијата во невидена хипокризија

Иако критикувана дека е преобемна, администрација продолжи да расте.


Според податоците на невладината организација Македонски Центар за Европско Образование добиени од 89 државни институции и од вкупно 136 органи, од јануари 2010 до март  лани месечно биле вработувани по 140 лица - и сите тие воделе како привремени.


Но, вкупниот број на административци остана непознат. Министерството за информатичко општество и администрација се обврза дека тој податок ќе го објави лани, но регистарот на службеници најверојатно ќе биде готов напролет годинава. Јавната администрација, се чини, не избега од имиџот на партизираната зона.

Коалицискиот партнер на власта Јанко Бачев, лидер на Народното движење на Македонија непосредно откако беше усвоена стратегијата за реформа на администрацијата излезе со критика:

„ И понатаму останува нечепната одредбата во Законот за државните службеници, која им овозможува на министрите и директорите да вршат вработување по субјективно наоѓање. Ова е невидена хипокризија. Велиме дека сакаме европска администрација, а функционерите немаат обврска да ги вработуваат најстручните и најкомпетентните кандидати. “

Ремонт на администрацијата е една од обврските од европската агенда на Македонија. Државните лидери лани очекуваа и од Европската комисија добија потврда на препораката за почеток на преговорите за членство во Унијата. Властите во Скопје ова го оценија како потврда за успешните реформи. Но, откако еврокомесарот за проширување Штефан Фуле упати критика за слободата на говорот во Македонија, доброто расположение се претвори во револт.

"Стратегијата на пренагласување на определени забелешки во однос на судството и на јавната администрација во рамки на наводниот проблем со слободата на изразување и тоа во услови кога три години спроведуваме суштински реформи, нема да помогне во обезбедување притисок за решение за името “

Поминаа избори, ќе "дојдат" ваучери за иновации и народни кујни

По оптимизмот и кампањата со писма до европските лидери за поддршка на македонските евроинтеграции, премиерот Груевски во неговото последно интервју најави можност Македонија годинава да ја изгуби препораката за почеток на преговорите за влез во ЕУ. Ова го објасни со незаинтересираност на државите членки за проширувањето оти, според него, тие биле преокупирани со сопствените проблеми.


Во контекст на проблемот со Грција за името Брисел го стави и проектот „ Скопје 2014“ богат со антички елементи. Овој проект лани се реализираше со превидената динамика.  Влијателниот Интернет магазин ЕУ Обзервер напиша: „ Планираното поставување на споменикот на Александар Македонски во центарот на Скопје ќе го усложни решението на спорот за името со Грција. И во 2011-та нема да се дојде до решение“.


Иако не беше планирано, македонската јавност лани беше преокупирана со предвремени парламентарни избори. Половина година порано Груевски порача дека со ривалот Бранко Црвенковски ќе се видат на мегдан во 2012.

„ Ние од ВМРО имаме интерес овој човек да биде нашиот политички противник“, велеше премиерот.

Избори се случија, а се исполни и очекувањето на Груевски - Црвенковски да го води СДСМ на изборите од кои излезе како поразен.  

Во владината програма за 2012 нема нови избори но, има серија проекти чија реализација ќе се оценува за една година. Ако се држи до ветувањата, овој месец пензионерите кои што имаат пензии под просекот ќе добијат бесплатно болничко лекување. Треба да се укинат царините за опрема за скијање, пинг-понг, тенис.

Или на пример, фирмите ќе можат да добијат ваучери од 5000 евра за иновации. Годинава, меѓу другото, треба да почне изградба на националниот гасоводен систем, земјоделците да добијат 130 милиони евра субвенции, да се отворат три нови  народни кујни, проекти што можеби ќе го испровоцираат лондонски „Економист“ в година да ја симне Македонија од тронот на индексот на мизерија.   

 

AddThis Social Bookmark Button