Транспарентен Њујорк и кажа на "затворена" Македонија за станот на Керим

Транспарентен Њујорк и кажа на "затворена" Македонија за станот на Керим by DiversityMedia

По веста во магазинот Глобус за извесниот Срѓан Керим, кој купил стан во богат дел од Њујорк, се обидовме да откриеме кои информации за имотите во Македонија, за обичниот граѓанин се достапни на Интернет. Во општество, кое власта сака да го нарекува информатичко, компјутерите имаат само ограничен пристап.

Оттука, дали во Македонија може да се дојде до суштински и до употребливи информации само преку Интернет или мора да се плати и на шалтер?

За соодветни информации треба и време и пари

Тешко дека некој во Македонија ќе дознаеше за луксузниот стан на Менхетен што го купил извесен д-р Срѓан Керим ако не беше транспарентноста на порталот на градот Њујорк. Во Одделот за финансии јавно може да се видат купопродажбите на станови, каде прецизно е наведена квадратурата, од кого е купен, колку е платено, па дури и како е купено – дали во готово, преку кредит со залог, лично или со посредник.

Така, за споменатиот стан, кој е купен преку агент, може да се најде нотарски завереното овластување за купопродажбата. Ако бил купен со залог, односно со кредит, на Интернет може точно да се види од каде и колку пари се позајмени.  При пребарување на неколку типични македонски презимиња како Николовски или Петровски, се наоѓаат неколку склучени договори за имоти главно во помалку атрактивните квартови од Менхетен  како Бронкс или Квинс, купени главно преку кредит или со хипотека.

Но, така е тоа во градот Њујорк. Во Македонија информациите за одреден имот, чинат време и речиси секогаш пари. Во македонската Агенција за катастар на недвижности, имотите се видливи на модерните топографски карти достапни на интернет во 2D и 3D технологија. Од таму се лоцира имотот обележан со број. Со  кликнување на бројот, се дознава сопственикот на имотот.

Електронски, ама и шалтерски

Портпаролката на Агенцијата, Валентина Христова – Стефановска вели дека на тој начин преку електонската страница на Катастарот се овозможува лесен пристап до податоците.

„ Овој портал претставува географско-информатички систем со податоци од Агенцијата за катастар на недвижности, која дава увид и можност за пребарување во графичката база на податоци по број на парцела. Или преку пребарување на графичките податоци да се дојде до бројот на парцелата или бројот на имотниот лист“, објаснува таа.

Односно, за да се дознае името на сопственикот претходно треба да се знае бројот на имотниот лист или бројот на парцелата. И тоа е главно се’ што може да се направи од домашниот компјутер. Но, за да се дознае дали парцелата е под хипотека или да се види кој се го поседувал, Христова – Стефановска вели дека треба да се дојде на шалтер. 

„Листот Г засега не е видлив во електронска форма. Видлив е само за големите корисници, како што се банките, нотарите, кои склучуваат договор со Агенцијата за пребарување„ посочува Христова-Стефановска.

Така, во ценовникот на републичкиот катастар пишува дека 100 пребарувања чинат 50 денари. Институцијата наплаќа 400 денари доколку се бара да се види на пример, кој се го поседувал станот.

Општини "он-лајн"

Сашо Орданоски од Транспарентност Македонија вели дека барањата и сличните процедури им забавило многу истражувања, како на пример, тоа последното за финансирање на кампањите на политичките партии.

„ Во Македонија голем дел од тие податоци се бесплатни, но за некои треба да се плати. Ако сакате да направите некакво поголемо истражување, тогаш ви требаат и сериозни средства за тоа. Мојот впечаток е дека и покрај тоа што имаме обичај, малку и заради пропаганда на Владата да кажеме дека сме електронско општество, каде податоците се достапни, тоа во суштина не е така“, смета Ордановски.

Во Катастарот е само делумно завршена работа со имотите. Всушност, зделката не може да се заврши без општините, каде се евидентира данокот на имот. За заинтересираните граѓани, податокот за платен данок не е видлив на Интернет. 

Некои македонски општини како Велес на пример , даночните решенија ги доставуваат со шифра, со која секој обврзник може да влезе на сајтот на општината и да го провери своето задолжување. Во општината Прилеп, која важи за една од информатички понапредните,  овој систем  допрва ќе се воведува. Барем така најавува претставникот од општината Давор Глигороски.

„Тоа е за следна фаза. Сега засега го немаме по електронски пат, но се трудиме, над 90% тие барања на писмено. Кога сакаат да склучат некоја купопродажба нормално е да биде платен данокот како од страна на купувачот, така и од страна на продавачот. Ние веднаш реагираме и веднаш издаваме потврда дали има или нема платено данок“, посочува Глигороски.

Општина Прилеп ја презеде надлежноста од државата сама да продава градежно земјиште. На Интернет сега може само да се видат огласите за лицитации и изводот од урбанистичкиот план, но во иднина граѓаните ќе ги очекуваат и електронски детали.

„Граѓанинот пред се’“ е девизата на актуелната власт, која управува со околу 90 отсто од општините.  Па во таа смисла, какви се намерите на власта да им овозможи слободен пристап до податоците кои ги поседуваат институциите, што е светски тренд?

(Не)транспарентност на податоци

Миша Поповиќ од организацијата "Слободен софтвер" укажува дека понекогаш не може да се отвори некој документ поради користењето на одреден софтвер. Друг проблем е што институциите објавуваат податоци, како што вели „ нечитливи за машините“ , кои потоа ќе може да ги споредуваат или анализираат.

„Едно е прашањето колку една власт е транспарентна, а друго е прашањето колку тие податоци им ги обезбедува на други лица во формат во кој што таа транспарентност може подобро да се анализира. Меѓутоа, не е тоа само прашање на транспарентност. Тоа се најосновни податоци, како статистичките, кои ги објавуваат во една сурова форма. А, тие податоци потоа ги гледаме проекти како "Гет мајндер" подржан од Гугл, каде можете да ги видите светските статистички трендови. Тие податоци се обезбедуваат се’ повеќе и повеќе директно од власта“ вели Поповиќ.

Според Орданоски од Транспарентност пак, последните години тоа води во видлива нетранспарентност на власта:

„Вие не може да дојдете до најобични податоци, како што е на пример колку чини „Скопје 2014“ . Треба да бидете финансиски експерт, па да шпекулирате и на крај сепак пак неточно да заклучите. Во суштина, на крајот тоа се сведува на тоа дека државата е таа која може преку даночната управа, МВР и другите контролни механизми да утврди што навистина се случува“.

Македонија, преку  информатичкото општество, создава генерации кои ќе очекуваат од својот компјутер да добијат документ, да направат увид или да го добијат податокот што им треба. За нив информатичкото општество е повеќе од „Пријави дупка“на Интернет.


Колку за споредба

Загрепчани електронски проверуваат потрошена вода и избирачки список

На Интернет порталот на градот Загреб освен што секој граѓанин може да си ги провери комуналните сметки, да направи увид во потрошувачката на вода, платениот данок, може да провери и кои станови се со уредна правна документација. Да се провери сопственоста на одреден имот по имотен лист, адреса или име и презиме, потоа становите под ќирија, нивната правна основа, односно сопственоста. Тука се и топографските карти, по пример на македонскиот Катастар. На порталот се гледа успехот на учениците, е-образование, потоа може да се пристапи до матичните служби за лични документи, па дури е ставен и избирачкиот список. 


 

 

 

 

 

 

AddThis Social Bookmark Button