Во Македонија изгубени во преводот

Во Македонија изгубени во преводот by DiversityMedia

Низ медиумите со години се појавуваат сведоштва на граѓани за лоши услуги по различни шалтери низ Македонија. Ако ова е проблем за нив, што останува кога странец ќе треба да минува институционални лавиринти за да обезбеди, на пример, документи за престој.

Невладиниот сектор дава препораки што и каде треба да се корегира. Од ресорните министерства пак, најавуваат дека состојбата ќе се подобри.

Безброј шалтери за еден документ

Дваесет и пет години откако Стинг го лансираше хитот Englishman in New York, неколку стиха се речиси идеални да се опише како странците се чувствуваат кога треба да почнат живот во Македонија.

Во рок од три дена треба да пријават престој. Постојат серија законски процедури, папки документи, кои важат и се потребни и во други држави за да се регулира престој и да се добие некаков статус.

„ Не, нема никој кој може да застане за нашите права, да ти објасни и да те упати. Одиш од врата на врата, тропаш на вратата, те враќаат назад. Од граница си дозволуваат да те вратат и после велат- па нормално е тоа. Од каде јас да знам како се прави тоа?“

Кристина е од Србија, мажена во Македонија веќе осум години. Објаснува низ што минала првите пет години колку што се потребни за да добие дозвола за постојан престој. Со таа дозвола Кристина ги има сите права како и останатите граѓани на земјава. Тогаш по неколкупати одела во родната земја, зашто постојано од различни министерства и барале различни и нови документи. Сега заработува од правење накит.

„ Јас имам работено, ама на црно. Работев во чорапара, во фабрика…“

Људмила е Украинка и е македонска снаа. Објаснува дека како странец морала да се снајде за работа зашто немала дозвола за тоа. Од минатата година има постојана работа.

Полесна процедура ако странците знаат што сакаат

Во Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека често пати странците не знаат што бараат во случај за работно ангажирање. Една од причините е што Законот што ја регулира оваа област разликува три категории- вработување, работа и самовработување. Вака објаснува Дејан Ивковски, раководител на секторот за азил.   

„ Доколку имаат јасна слика што точно сакаат во Република Македонија, мислам дека и самите во значителна мера ќе си ја олеснат процедурата и постапките за добивање на соодветниот тип на дозвола за работа, соодветниот тип на дозвола за престој и така натаму. “ и додава:

„ Во Законот за вработување, како и во Законот за странци соодветниот тип на барање на задната страна ги пропишува сите документи коишто треба да ги поднесе, така што не верувам дека некој некаде може да му рече дека на странецот му е потребен дополнителен документ. “

Проблемите на странците во Македонија една година ги истражува Невладината коалиција на младински организации “ Сега“ . Кои се податоците до кои е дојдено, ја прашавме Ана Жежоска, која е одговорна за проектот.

Најпрво, странците кога влегуваат во Македонија се соочуваат со јазичната бариера. Потоа, немаат информации во кое министерство и во која институција треба да се обратат за да може да го регулираат својот престој. Понатаму, кои документи им се потребни, како им се регулира нивното здравствено осигурување во Македонија, признавањето на образованието, вработување во Македонија “, посочува Жежоска.

Интернет страници без англиски верзии

Кристина и Људмила имаат свои доживувања заради непознавањето на македонскиот јазик. Со луѓето на улица.

„ Зошто не зборувате македонски? Колку сте овде? Една и пол година и ми викаат дека вие со тоа што не зборувате нас не не почитувате. Реков, луѓе не можам јас тоа наеднаш...“вели Кристина.

Или со сопствените деца.

„ Украински не сакам да и зборувам зашто живееме овде, а македонски не разбирав и можеби заради тоа детето подоцна ми прозборе“, се потсетува Људмила.


Како во Комерцијална Банка се справуваат со јазичната бариера на своите шалтери?

„ Познавањето на странски јазици е еден од критериумите кои се земаат во предвид при вработување на кадри, а исто така во зависност од потребите се организираат и курсеви по странски јазици за вработените, велат во банката.


Единствено место каде што на странски јазик има информаци корисни за странците е Интернет страницата „ Инвестирајте во Македонија“ која е наменска за оние што имаат намера овде да почнат бизнис. Другите министерства со кои странците мора да дојдат во контакт, немаат англиски верзии на своите Интернет страници.

Обука за домашните како треба со странците

Дејан Ивковски најавува олеснет пристап на поинаков начин.

„ За оваа година е планирана еден вид на обука за персоналот којшто работи во македонските дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) во странство каде што ќе се направи една листа на институции, министерства, органи каде што нашите службеници во овие ДКП-а можат да добијат извор на информации. “

Тоа што досега требаше да го направи државата, го сторија од Коалицијата „Сега“. Изработија летоци со сите потребни информации. Ова е дел од проект кој од лани се спроведува во уште шест европски држави. Резултатите покажуваат дека Македонија не е единствена во која странците се чувствуваат како „Англичани во Њујорк“ . Според Ана Жежоска случни искуства има и во Франција, Италија, Грција и во Бугарија.

„ Клучните препораки се назначени во пет полиња и тоа, подобрување на интеркултурниот дијалог, административните процедури, пазарот на труд, политичкото учество и домувањето. “

Според последните статистички податоци, во 2010 во Македонија се доселиле 1356 луѓе, најголем дел од европските држави. Половина од нив живеат во Скопје.  


Имигрантите во Македонија најчесто доаѓаат по основ на брак со македонски граѓанин. Но, овде ги носи бизнисот- ако се поканети како експерти, ако основаат фирма или ако странска фирма ги испраќа на работа во земјава.  


AddThis Social Bookmark Button