На 20 април, во Австриската библиотека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, премиерно беше прикажан филмот кој одбележува дел од нашата историја- создавањето на Преспанскиот договор, со кој беше окончан деценискиот спор со Грција за името Македонија.


Во него се обидовме да ги пренесеме сведоштвата на луѓето кои на различен начин беа вклучени во тој процес и да дадеме една друга димензија на ова прашање кое и натаму предизвикува реакции во македонската јавност. Вториот мотив со овој проект ни беше да мотивираме и научни истражувања на тема Преспански договор како дипломатско решение, особено сега кога се актуелни повеќе светски кризи коишто се решаваат со воени средства.
Своите искуства во филмот ги пренесуваат двајцата премиери во време на склучувањето на договорот, дипломати, министри, пратеници, посредникот на Обединети Нации, експерти и новинари. Сниман е во Скопје, Атина, Њујорк и Преспа од двете страни на границата.


Автори на проектот, поддржан од Амбасадата на САД со програмата за 2024 година, се Соња Крамарска и Душко Арсовски, кој воедно е и режисер заедно со Ана Василевска. Музиката е авторство на Златко Ориѓански. камерата е на Трајче Илиевски, а монтажата на Давид М.



